– Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија во јануари годинава изнесувал 621 120 илјади евра и бележи пораст од 13.7 % во однос на истиот период лани. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 848 978 илјади евра, што е за 5.0 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Покриеноста на увозот со извоз, во јануари била 73.2 %, а трговскиот дефицит изнесувал 227 858 илјади евра, соопшти Државниот завод за статистика.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, електричната енергија и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.
Во јануари 2023 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Кина.