Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот изјави дека Турција, земјите од Заливот или европските земји би можеле да бидат домаќини на разговори со рускиот претседател Владимир Путин.
„Оваа недела ќе има контакти со Турција, контакти со земјите од Заливот и европските земји кои би можеле да бидат домаќини на разговори со Русите. Од наша страна, работите ќе бидат максимално подготвени за да се стави крај на војната“, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање до нацијата.
Зеленски зборуваше додека неговиот началник на кабинетот, Андриј Јермак, рече дека тој и шефот на Советот за национална безбедност на Украина се во Катар на средба со министерот за одбрана на земјата.
Зеленски повика на разговори со Путин, но рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека не е подготвена агенда за таков состанок, објави Ројтерс.