Секојдневното земање на витамин Д3 може да го одложи биолошкото стареење со години, сугерира нова студија, отворајќи ја вратата кон ветувачки стратегии за долговечност и спречување на болести поврзани со стареењето.
Студијата е објавена во Американскиот журнал за клиничка исхрана и е базирана на податоци од големо клиничко испитување наречено Vital. Студијата вклучувала жени над 55 години и мажи над 50 години кои земале додатоци на витамин Д3 и омега-3 масни киселини во текот на пет години.
Теломерите – показател за стареење на клетките
Научниците се фокусираа на теломерите – заштитните краеви на хромозомите што ја штитат ДНК за време на клеточната делба. За време на природниот процес на стареење, теломерите постепено се скратуваат, а нивната должина е поврзана со развој на бројни болести, вклучувајќи кардиоваскуларни и невродегенеративни нарушувања.
„Витал е првото големо, долгорочно, рандомизирано испитување кое покажува дека витаминот Д може да помогне во зачувувањето на должината на теломерите“, изјави коавторката на студијата, д-р Џоан Менсон, од болницата „Бригам енд Женс“.
Таа додаде дека ова е особено значајно бидејќи претходните анализи покажаа и други придобивки од витаминот Д, како што се намалување на воспалението и помал ризик од хронични заболувања поврзани со стареењето, вклучувајќи напреднат рак и автоимуни заболувања.
Три години помалку стареење со дневна доза на витамин Д3
Како дел од студијата, учесниците земале 50 микрограми витамин Д3 и 1 грам омега-3 масни киселини дневно. Должината на теломерите беше измерена на почетокот на студијата и по две и четири години, кај повеќе од илјада испитаници.
Резултатите покажаа дека дневниот внес на витамин Д3 значително го забави скратувањето на теломерите во текот на четири години. Според проценките на авторите, оваа разлика одговара на спречување на речиси тригодишно биолошко стареење, во споредба со оние кои примиле плацебо.
„Во споредба со плацебо групата, витаминот Д3 значително го намали губењето на должината на теломерите кај леукоцитите“, наведоа научниците во студијата. Од друга страна, омега-3 масните киселини не покажаа значаен ефект врз должината на теломерите во текот на мониторираниот период.
„Нашите резултати сугерираат дека целното дополнување со витамин Д може да биде корисна стратегија за забавување на биолошкиот процес на стареење, иако се потребни дополнителни истражувања“, забележа коавторот на студијата, д-р Хаидонг Жу. Научниците известуваат дека дневното дополнување со витамин Д3 – со или без омега-3 масни киселини – би можело да игра важна улога во забавувањето на стареењето на клетките и одржувањето на здравјето.