Германија стои зад Израел, но не по секоја цена, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц во своето обраќање до печатот денес во Берлин.
„Никогаш не сум споменал „безусловна поддршка“ за Израел… Ние го поддржуваме Израел, но јасно и гласно кажуваме што мислиме за одредени ситуации“, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц, одговарајќи на прашање од новинарите за време на традиционалната прес-конференција пред летниот одмор.
На прашањето од новинарите дали премисата дека безбедноста на Израел е „државен интерес“ на Германија, како што ја формулирале претходниците на Мерц, сè уште важи, Мерц (Христијанско-демократската унија ЦДУ) одговори дека безбедноста на Израел е важна за Германија, но не по секоја цена.
„Сакаме да му помогнеме на Израел, но јасно и гласно кажуваме што сметаме за неприфатливо… Она што моментално се случува во Газа е неприфатливо и тоа му го ставив јасно до знаење на Бенјамин Нетанјаху“, рече Мерц.
Во исто време, тој ги отфрли споредбите меѓу Израел и Русија во врска со воведувањето санкции.
„За разлика од Русија, Израел е демократска земја. Израел исто така беше нападнат. Доколку Израел не се бранеше, повеќе немаше да постои“, заклучи Мерц.
Порака до Ангела Меркел: „Не успеавме“
Германскиот канцелар, кој ја презеде функцијата на почетокот на мај, даде позитивна оценка за досегашната работа на неговата коалициска влада на Христијанско-демократската партија и Социјалдемократската партија за време на неговата традиционална летна прес-конференција.
„Донесовме пресврт во земјата: расположението во економијата се подобрува, инвеститорите покажуваат зголемен интерес за Германија, а економските институти испраќаат позитивни сигнали во врска со изгледите за економски раст“, рече Мерц.
Германскиот канцелар посочи и на успесите во врска со едно од централните предизборни ветувања, кое е поврзано со намалувањето на нерегуларната миграција. Во оваа смисла, тој ги бранеше контактите со владата во Кабул, кои се неопходни за да се овозможи протерување на Авганистанците од Германија.
Мерц одговори и на новинарско прашање како би ја коментирал познатата изрека на неговата претходничка Ангела Меркел, која на истото место пред речиси десет години, кога беше прашана како Германија ќе го надмине мигрантскиот бран, одговори: „Ќе успееме“.
„Денес знаеме дека во сегментот што канцеларот го имаше на ум во тоа време, очигледно не успеавме“, заклучи Мерц.
Тој додаде дека токму затоа неговата влада сака значително да го намали бројот на нерегулирани имигранти.