Зошто папата носи црвени чевли? Тајната зад најимпресивниот детаљ од Ватикан

Јован Павле Втори ги носеше, Франциск ги избегнуваше, а Лав Четиринаесетти ги враќа во Ватикан – еве ја симболиката зад најнеобичниот моден детаљ на католичкиот лидер.

Нов Папа, стара традиција

Католичката црква доби нов поглавар – американскиот кардинал Роберт Превост е избран за папа и ќе го носи името Лав XIV. За време на неговото прво јавно појавување, вниманието не го привлекоа само пораките за единство и надеж, туку и црвените чевли.

Навидум необичен детаљ, но длабоко вкоренет во црковната симболика, ова парче обувка го следи папскиот протокол со векови. Многу луѓе се прашуваат – зошто се црвени?

Црвена боја: Крв, мачеништво и жртва

Во католичката традиција, црвената боја го симболизира мачеништвото, Христовото страдање и распнувањето. Црвените чевли ја претставуваат крвта пролеана од Исус Христос, но и сите светци кои ги дале своите животи за верата.

Чевлите на папата не се моден додаток, туку теолошка изјава – потсетник за жртва и повик за понизност. Тие особено се истакнувале за време на литургиите, кога папите носеле црвени наметки и плаштови.

Кој носеше црвени чевли, а кој ги одби?

Папата Бенедикт XVI бил познат по својата посветеност на традицијата, па затоа редовно носел класични црвени кожни чевли, честопати рачно изработени во Ватикан. Неговите чевли станаа речиси иконски моден симбол на ерата.

Спротивно на тоа, папата Франциск веднаш по свој избор ги отфрли црвените чевли и ги задржа црните ортопедски чевли што ги носеше како надбискуп на Буенос Аирес. Тој потег беше протолкуван како негов став кон едноставноста и отфрлање на луксузот. Дури и кога неговото тело беше јавно изложено по неговата смрт, тој беше облечен во скромни црни чевли.

Папата Јован Павле II, според некои извори, ја обожавал бордо кожата, а американското списание Esquire тврди дека тој често носел кафеави мокасини, кои единствено го комбинирале духовното и личното.

Дали Лав XIV ќе ги врати црвените чевли во Ватикан?

Со оглед на тоа што новиот папа е Американец и доаѓа од ред кој фаворизира симболика, многумина веруваат дека Лав XIV ќе ја врати практиката на носење црвени чевли. Неговиот прв настап веќе укажува на тоа.

Црвените чевли повторно стануваат 
не само традиција, туку и политичка порака – за цврстината на верата, континуитетот и подготвеноста да се носи тежината на функцијата.