Израелските воздушни напади ги погодија јужните предградија на либанскиот главен град доцна во четвртокот, принудувајќи илјадници луѓе да избегаат и предизвикувајќи обвинувања од високи либански функционери дека Израел го крши договорот за прекин на огнот.
Најмалку 10 напади ги погодија јужните предградија на Бејрут во бран бомбардирања, кои започнаа околу 90 минути откако израелската војска издаде предупредувања за евакуација за четири локации во областа.
Ова беше четврти пат Бејрут да биде бомбардиран откако во ноември беше постигнато примирје со посредство на САД, со кое беше ставен крај на едногодишната војна меѓу Израел и либанското вооружено движење Хезболах.
Прекинот на огнот налага Хезболах да ја повлече целата воена опрема и борци од јужен Либан и бара разоружување на сите недржавни милитантни групи низ целата земја.
Израелската војска во четврток соопшти дека планира да нападне „подземна инфраструктура за производство на беспилотни летала, која е намерно воспоставена во срцето на цивилното население“ во Бејрут.
Таа изјави дека Хезболах произведува илјадници дронови таму, „со водство и финансирање од ирански терористи“.
Либански безбедносен извор за Ројтерс изјави дека либанската армија претходно во четврток била известена дека воена опрема се наоѓа на локација во Бејрут. По посетата на локацијата, армијата утврдила дека таму нема воена опрема.
„Израелската армија потоа издаде предупредување. Армијата се обиде повторно да влезе во овој дел од Бејрут за да спроведе дополнителни претреси и да спречи напади, но израелските напади ги спречија војниците да влезат во областа“, рече изворот.
Нападите предизвикаа густи облаци од чад да висат над областа до полноќ. Илјадници луѓе избегаа, предизвикувајќи огромни сообраќајни метежи. Повеќето од нив избегаа пеш кон куќите на своите семејства, додека други останаа надвор на улиците.
Израелските воздушни напади го погодија и селото Аин Кана, во јужен Либан, според либанските државни медиуми, кратко откако беа издадени предупредувања за евакуација за областа.
Нападите се случија во пресрет на муслиманскиот празник Курбан Бајрам.
,,Нападите „предизвикаа нов бран паника и страв пред Курбан Бајрам“, објави Канцеларијата на специјалниот координатор на Обединетите нации за Либан за X Network.
Либанскиот претседател Џозеф Аун и премиерот Наваф Салам ги осудија нападите како „флагрантно кршење“ на меѓународните договори.