Илјадници Македонци го испратија Душко Чифлиганец – Симболот за храброст и хуманост си замина млад

Со голема тага и почит, вчера во Скопје беше погребан Душко Чифлиганец, младиот бизнисмен, мотоспортист и хуманитарец, кој трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во Чешка. Несреќата се случи на 2 август 2025 година, кога Душко падна од мотор за време на трка во Брно и претрпе сериозни повреди на мозокот. По повеќе од 24 часа борба за живот во болница во Прага, тој почина на 3 август .

Погребната церемонија се одржа во дворот на црквата „Свети Јован Крстител“ во скопската населба Аеродром, која е ктиторство на неговото семејство. Опелото го водеше архиепископот г.г. Стефан, а присуствуваа илјадници граѓани од Скопје, Радовиш, Раклиш и други места, како и пријатели и соработници од странство.

Душко Чифлиганец беше заменик-претседател на „Адора Бизнис Групација“ и директор на Adora Living Solutions. Познат беше по својата професионалност, енергичност и посветеност на семејните и хуманитарните вредности. Тој беше активен учесник во бројни хуманитарни проекти, вклучувајќи соработка со Фондацијата Новак Ѓоковиќ во Србија .

Семејството Чифлиганец упатија јавна благодарност до сите кои во овие тешки денови им изразиле сочувство и поддршка.