Причината за минатогодишната рецесија на германската економија е високото ниво на боледување во Германија, покажува новото истражување. „Големиот обем на боледување минатата година доведе до голем недостиг во производството. Без боледување, германската економија ќе пораснеше за 0,5 отсто минатата година“, произлегува од студијата на Здружението на истражувачката фармацевтска индустрија VFA, објавија сите германски медиуми.
Така, поради големиот број работници кои биле на боледување, германската економија се намалила за 0,3 отсто. „Поради натпросечниот број часови што вработените ги поминувале на боледување, германската економија остварила 26 милијарди евра помалку“, велат авторите на студијата Клаус Михелсен и Симон Јункер.
Минатата година рекорден број на боледувања
Најголем број пријавени денови поминати на боледување се забележани во преработувачките индустрии како што се металната, хемиската и автомобилската индустрија. „Германија беше буквално болна во 2023 година, а бранот боледување ја оптоваруваше економијата повеќе отколку во другите земји“, се наведува во студијата.
Во 2023 година продолжи трендот на рекорден број денови што вработените во Германија ги поминувале на боледување. Просечното боледување траеше 20 дена. Најчести болести кои се појавуваат во статистиката се инфекции на горниот респираторен тракт и грип. Меѓу дијагнозите кои се појавуваат над просекот, често се среќава депресија.
Вработените сè уште можат да аплицираат за боледување по телефон кај лекар, што беше воведено за време на пандемијата на коронавирус.