Во говорот во Парламентот пред Европскиот самит во Брисел, италијанската премиерка рече дека „инфлацијата е неподнослив скриен данок со кој мора да се бориме одлучно, но решението не е да се зголемат каматните стапки“
Италијанската премиерка Џорџа Мелони денес отворено ја критикуваше политиката на Европската централна банка за консекутивните зголемувања на каматните стапки насочени кон борбата против високата инфлација во Еврозоната, нагласувајќи дека тоа има ризик да ја погоди економијата наместо да ѝ помогне.
Во говорот во Парламентот пред Европскиот самит во Брисел, италијанската премиерка рече дека „инфлацијата е неподнослив скриен данок со кој мора да се бориме одлучно, но решението не е да се зголемат каматните стапки“.
Мелони не е првиот италијански политичар што покажа сомнение за неодамнешните потези на шефицата на Европската централна банка, Кристин Ларгард, која неделава најави уште едно зголемување на каматните стапки за јули, предизвикувајќи критики од италијанските вицепремиери Антонио Тајани и Матео Салвини.
„В ред е одлучно да се бориме против инфлацијата, но поедноставениот рецепт за зголемување на стапките преземен од Европската централна банка во очите на многумина не се чини дека е вистинскиот пат“, рече Мелони.
Таа, исто така, истакна дека порастот на цените во Европа не е ефект од растечка економија, туку е предизвикан од „ендогени фактори, пред сè, од енергетската криза“.
„Ризикот што не може да се игнорира е дека постојаното зголемување на стапките може да биде лек поштетен од болеста“, посочи Мелони.
Вчера Тајани, кој ја извршува и функцијата министер за надворешни работи на Италија, рече дека високите каматни стапки ја ставаат земјата во ризик од рецесија, критикувајќи ја одлуката на Лагард.
Европската централна банка претходно овој месец ги зголеми своите каматни стапки на највисоко ниво во повеќе од 20 години, придвижувајќи ја стапката-репер во Еврозоната на 3,5 отсто и најави ново зголемување за следниот месец.