Санџај Капур, истакнат индиски бизнисмен и поранешен сопруг на боливудската актерка Каризма Капур, почина од срцев удар за време на натпревар по поло на „Смитс Лоун“ во Виндзор. Имаше 53 години.
Капур, сопственик на тимот „Ауреус Поло“ и претседател на Управниот одбор на автомобилската компанија „Сона Комстар“, се онесвести на теренот во четврток додека играше за тимот „Суџан Индијан Тајгерс“ во полуфиналето на трофејот „Картие“.
Поло клубот „Гардс“ ја потврди неговата смрт во соопштение, велејќи дека тој „се разболел додека играл натпревар на „Смитс Лаун“. Клубот изразува најдлабоко сочувство до неговата сопруга Прија Сачдев, децата, семејството Капур и тимот „Ауреус“.
Ауреус Поло, тимот што го основал и во кој принцот Вилијам често играл, го опишал како „душата и срцето на тимот“.
Иако првичните извештаи укажуваа дека причина за смртта е срцев удар, „Мирор“ објави дека срцевиот застој бил предизвикан од алергиска реакција кога бил каснат од пчела во внатрешноста на устата за време на играта.
Наводно, пред да се сруши, им рекол на присутните: „Голтнав нешто“.
Се верува дека Капур претрпел анафилактичен шок, сериозна и потенцијално фатална алергиска реакција што може да предизвика ненадеен пад на крвниот притисок и отежнато дишење, кратко пред да му застане срцето.
Компанијата „Сона Комстар“, која ја наследи од својот татко д-р Суриндер Капур во 2015 година, исто така ја потврди веста за неговата смрт и го нарече „визионерски лидер“ кој ја трансформираше компанијата во глобален гигант за технологија за мобилност, базиран на иновации, одржливост и јасна мисија.
„За сите нас кои имавме привилегија да работиме со него, неговата страст, визија и непоколеблива посветеност кон совршенство засекогаш ќе останат светилник“, соопшти компанијата.
Санџај Капур имал лично богатство проценето од списанието Форбс на 1,2 милијарди американски долари.
Претходно беше во брак со актерката Каризма Капур, со која имаше две деца – Самаира и Киан. Подоцна се ожени со моделот Прија Сачдев, со која го доби синот, Азаријас.
Само неколку часа пред неговата смрт, Капур се огласи на социјалната мрежа X (порано Твитер) за да реагира на авионската несреќа во Ахмедабад, пишувајќи:
„Ужасна вест за трагичната несреќа на авионот на Ер Индија во Ахмедабад. Моите мисли и молитви се со сите погодени семејства. Нека најдат сила во овој тежок час.“