Универзитетскиот професор, а сега поранешен член на Комисијата за помилување, Гордан Калајџиев, вели дека Комисијата не ја прифатила грешката како што тврди премиерот Христијан Мицкоски, туку останува на принципите.
Премиерот претходно рече дека целата одговорност ја гледа во Комисијата и вели дека членовите ја сфатиле грешката и доблесно постапиле со поднесување оставки.
„Жив човек кој прави што и да прави знае да греши. Кога ќе се најде грешката и ќе се преземе одговорноста, тогаш тоа е и доблесно и на тој начин можам да ја коментирам одлуката на членовите на Комисијата која ја обработува темата од областа на простувањето. Грешката е јасно утврдена и единствено што имаат како морален чин е да се повлечат и тоа го направија, па очекувам таа тема јавно да биде затворена“, изјави вчера Мицкоски.
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова ги прифати оставките на членовите на Комисијата за помилување, кои колективно поднесуваат оставки од функцијата. Одлуката прв ја соопшти Калаџиев.
„Оваа одлука ја донесовме согласно нашите лични и професионални принципи“, се вели во соопштението на професорот.
Од кабинетот на претседателот велат дека во наредниот период ќе се одржат консултации за новиот состав, но и за институционалните и правните слабости кои постојат во системот на помилување осуденици.