– Кандидатот за градоначалник на единствената македонска општина во Албанија општина Пустец, Мала Преспа, Панди Јани, преку објава на Фејсбук ги презентираше трите проекти, кои, како што наведува, се приоритет и столб на неговата програма.
– Почитувани жители од сите девет села на Мала Преспа, трите проекти кои се приоритет и столб на мојата програма се бесплатен превоз до Корча и назад за сите, од Горна Горица до Церје асфалт до пред секоја порта и секако уредување на јавните плажи и поставување реквизити, кои под концесија ќе се издаваат на жителите на Преспа, наведува тој.
Додава дека овие проекти се носечкиот столб на неговата програма, со која „ќе ја извојуваме големата победа на 14 мај“. Посебно се задржува на проект за јавните плажи кој ветува дека ќе почне со реализација веднаш по преземањето на функцијата.
– Веднаш ќе се ангажирам во уредување на јавните плажи на повеќе локации долж Преспанското Езеро. Овие плажи претставуваат вистинско природно богатство и вистински бенефит за сите жители на општина Пустец. Со нивното уредување ќе бидат отворени нови мали бизниси, нови работни места, а ќе се зголеми и бројот на туристи. Пари има за се доколку се работи домаќински и чесно и како градоначалник ветувам дека со пари од буџетот на општината, веднаш уште оваа летна сезона неколку јавни плажи на повеќе предели во Преспа ќе бидат уредени и поставени реквизити, посочува Јани.
Според него, „ова се конкретни проекти од интерес на сите жители и од интерес на самата општина“.
Триесет и едногодишниот Панди Јани дипломирал менаџмент за туризам. Кандидат е на Партијата на слободата на поранешниот албански претседател Илир Мета, која е дел од изборната коалиција „Заедно победуваме“.