Приливот на пари од Блискиот Исток во англискиот фудбал стана секојдневие, а сега еден од најпопуларните клубови во лигата, Тотенхем, е во позиција да го преземат инвеститори од Катар.
Група катарски инвеститори планира да го преземе Тотенхем, што би можело да ги задоволи сите во клубот, и незадоволните навивачи и актуелниот претседател на клубот Даниел Леви.
Причината е што Леви освен што ќе добива пари, би останал и на раководни позиции во клубот. Угледниот Гардијан објави дека групата е повеќе од сериозна и решена во намерите да го преземе гигантот од северен Лондон.
Сепак, планот на група инвеститори од Катар е постепено да ја преземат контролата врз клубот, односно да купат нешто помал дел од сопственоста, додека не станат мнозинство, што веќе го направи Џим Ретклиф во Манчестер Јунајтед.
Идентитетот на катарските понудувачи не е откриен, но се знае дека станува збор за приватни бизнисмени, а не за група предводена од Катар спортс инвестмент на чело со шеикот Џасим бин Хамад ал Тани.
„Според еден модел што го разгледуваат инвеститорите, на Леви ќе му биде понуден договор за управување со клубот, кој ќе остане на сила дури и ако ENIC, кој поседува 86,91 отсто од Тотенхем, стане малцински акционер“, се наведува во текстот на „Гардијан“.
Леви е првиот човек на Тотенхем од 2001 година кога ЕНИК купи 30 отсто од акциите во клубот. Целосното преземање подоцна беше завршено во 2007 година.
Иако навивачите се незадоволни бидејќи нема трофеј, она со што може да се пофали владеењето на Леви е изградбата на најмодерниот стадион во светот во тоа време, кој прв ја проби границата од милијарда евра вложени во градежништвото.