Каја Шукова: „Во Вардариште има 2 милиони кубни метри отпад – парк таму е невозможна и опасна идеја“

За Каја Шукова, Орце Георѓиевски не знае и лаже, на Скопјани им продава шарени приказни за Вардариште и не може да го води градот.

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова, остро реагира на ветувањето на нејзиниот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Георѓиевски, дека во Вардариште ќе се градел парк.

Според Шукова, со ова ветување Георѓиевски или свесно манипулира или, како што вели, покажува „целосна некомпетентност и неинформираност за проблемот“. Таа потсетува дека на локацијата Вардариште се одложени над 2 милиони кубни метри отпад без соодветна подлога, што ја прави територијата со висок ризик за здравјето и животната средина.

„Само процесот на деконтаминација на земјиштето за да може да се засади едно дрво би траел со години. Нема ни техничка, ни правна, ни финансиска можност во моментов да се прави што било на таа локација,“ вели Шукова.

Таа потсетува на три клучни факти:

Во тек е арбитражна постапка во Париз поврзана со проектот „Скопски колектор“, кој минува токму низ Вардариште, и сè додека таа трае не може да се менува намената на просторот.

Во 2017 година, со поддршка на ЕУ, е изработена стручна документација според која Вардариште треба да се затвори и ревитализира, а на нова локација да се изгради современа претоварна станица.

Пред неколку месеци е распишан тендер за целосна поддршка на регионалниот систем за отпад, што е дел од долгорочниот план за управување со отпад во главниот град.

„Сè друго е штетно, опасно и популистички манипулативно,“ истакнува Шукова, додавајќи дека со вакви најави Георѓиевски ја надминува, како што рече, неспособноста и неодговорноста што ја демонстрирале ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска во изминатите четири години.

Конечно, таа упати порака до граѓаните:
„Еднаш ве излажаа со приказни за 150 автобуси, мега паркови и слични шарени ветувања. Не дозволувајте тоа да се повтори.“