Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис в понеделник ќе биде домаќин на неформална вечера за лидерите на Западен Балкан и на земјите- членки на ЕУ од регионот, а на која ќе присуствува и претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски, јави дописничката на МИА од Атина.
Од кабинетот на грчкиот премиер соопштија дека неформалната вечера е за проширувањето на Унијата и европската иднина на регионот по повод 20-годишнината од Самитот ЕУ- Западен Балкан и „Декларацијата од Солун“, а поканата на Мицотакис ја прифатиле и претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кои ќе присуствуваат на вечерата.
На неформалната вечера за проширувањето на Унијата, според информациите на дописничката на МИА од Атина, ќе присуствуваат премиерите на Северна Македонија и на Косово, претседателите на Србија и на Црна Гора, претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, како и лидерите на земјите од регионот кои се членки на ЕУ, односно премиерите на Бугарија, Хрватска и Романија, додека пак Албанија била поканета на претседателско ниво, но нема да има претставник во Атина.
Според истите информации на МИА, иницијативата на Мицотакис ја означува водечката улога на Грција како столб на стабилноста, мирот и енергетската безбедност на Балканот и Југоисточна Европа, а неформалната вечера за европската иднина на регионот има и симболичен карактер со оглед на тоа, што на 21 јуни се навршија 20 години од „Декларацијата од Солун“ од Самитот ЕУ- Западен Балкан, одржан за време на грчкото претседателство со Унијата и која го отвори патот за европска интеграција на неколку земји од регион.
За Атина, 20-годишнината од Самитот во Солун и поканата на грчкиот премиер до лидерите од регионот е можност да се истакне дека Грција е на страната на Западен Балкан и како членка на европското семејство, но и како најголема економија во регионот и посакува европска интеграција на регионот, за која постојат и пред услови.
Во оваа насока се и досегашните изјави на грчкиот премиер, кој континуирано ја истакнува цврстата поддршка на Грција за ЕУ перспектива на регионот, за која доста често официјална Атина потенцира дека станува уште поважна по руската инвазија на Украина.