Глечерите на Хималаите во Азија се топат со брзо темпо и би можеле да изгубат до 75 отсто од својот волумен до крајот на векот.
Поради ова, научниците предупредија на опасни поплави и недостиг на вода за речиси две милијарди луѓе кои живеат низводно од реките што потекнуваат од планинскиот регион.
Во извештајот на Меѓународниот центар за интегриран планински развој (ICIMOD) се предупредува дека поројните поплави ќе се зголемат во наредните години доколку нема намалување на стакленички гасови.
Се вели дека достапноста на свежа вода ќе биде под знак прашалник за 240 милиони кои живеат во регионот на Хималаите, како и за дополнителни 1,65 милијарди кои живеат низводно од 12-те реки кои потекнуваат од планините.
Различни претходни извештаи открија дека регионите покриени со снег и мраз се меѓу најтешко погодените од климатските промени.
Извештајот покажа дека глечерите на Хималаите исчезнале 65 отсто побрзо отколку во претходната деценија и дека промените на глечерите предизвикани од глобалното затоплување се „без преседан и во голема мера неповратни“.
Со затоплување од 1,5 до 2 Целзиусови степени над прединдустриските температури, глечерите ширум регионот ќе изгубат од 30 до 50 отсто од својот волумен до 2100 година, се вели во соопштението.
Извештајот покажа дека протокот на вода во 12-те речни сливови во регионот, вклучувајќи ги Ганг, Инд и Меконг, најверојатно ќе го достигне врвот околу средината на векот, со последици за повеќе од 1,65 милијарди луѓе кои зависат од ова снабдување.
Научниците исто така истакнуваат дека иако би се очекувало повеќе вода бидејќи глечерите се топат, всушност ќе се случат поплави.
Студијата вели дека 200 глацијални езера низ овие планини се сметаат за опасни и дека регионот може да доживее значително зголемување на поплавите од глацијалните езера до крајот на векот.
„Штом мразот ќе се стопи во овие региони, многу е тешко да се врати во неговата замрзната форма“, рече Пем Пирсон, директор на Меѓународната иницијатива за климатска криосфера, која не беше вклучена во извештајот.
На почетокот на оваа година индискиот планински град Џошимат почна да тоне, а жителите беа евакуирани.
Владите во регионот се обидуваат да се подготват за овие промени. Кина работи на подобрување на снабдувањето со вода во земјата, додека Пакистан инсталира системи за рано предупредување за езерски поплави.