Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Скопје ја посети компанијата „Дата мастерс“, се запозна со нејзини вработени и со тоа што тие го работат во моментов.
– Во посета сме на компанијата „Дата мастерс“, домашна компанија која што се занимава со консалтинг и имплементација на решенија во областа на вештачката интелигенција и напредна аналитика. „Дата Мастерс“ е пример како може со силна желба и цврста верба во сопствените потенцијали тука, дома, и со наша поддршка, да се развие успешен модел кој функционира и е конкурентен и на светските пазари. Оваа компанија, составена пред сѐ од млади луѓе, за само пет години успеа да го развие и прошири својот бизнис и надвор од границите на нашата држава. Основана со стопроцентен македонски капитал и фокусирана на консалтинг и едуцирање во областа на data science или наука за податоци, компанијата денес брои над 60 домашни и интернационални проекти, тим од над 50 експерти и партнерства со бројни компании во земјава, појасни Ковачевски.
Тој додаде дека со поддршка преку владините мерки за нови инвестиции, нови вработувања и конкурентност, „Дата мастерс“ денес освојува нови пазари и нови области во светот, истакнувајќи го значењето на работата со податоци како круцијално како за личен развој, така и за развој на компаниите во државава и ширум светот.
Како што беше посочено, денес компанијата, освен канцеларијата во Скопје, има и канцеларија во Лисабон, Португалија, што дополнително ги зголемува нејзините можности за раст и ја прави уште поконкурентна.
– Владата на Република Северна Македонија во изминатиот период поддржа огромен број компании и тоа од најразлични области, помагајќи им преку сет мерки да ја пребродат светската економска и енергетска криза и да продолжат да бидат успешни во она што го работат. И тоа е она што го гледаме денес – растечки компании, како денешната која ја посетивме, кои во Владата гледаат кредибилен партнер и сојузник во обезбедувањето на нивната ликвидност и солвентност, коишто со наша помош го осигуруваат свое место на домашните и странските пазари, и чекорат одлучно напред, подвлече премиерот.
Тој истакна дека нашата држава денес не е веќе земја на евтина работна сила.
– Успеавме да создадеме поволен деловен, стабилен и предвидлив амбиент кој овозможува отворање на нови, конкурентни работни места со подобри плати, услови каде трудот и знаењето на работниците се вреднува според заслугите. За нас сите компании се исти и сите се подеднакво важни. Со својот инпут во домашната економија, нашите, како и странските компании обезбедуваат стабилен и одржлив раст, ги прошируваат и мултиплицираат своите бизниси. И тоа е најдобар доказ за нашите политики и исправноста на мерките со кои ги стимулираме бизнисите. Преку партнерски и инклузивен пристап на економските политики на Владата, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите ја стекнавме и подигнавме довербата на компаниите. Со нашите мерки, ги охрабривме компаниите да почнат нови инвестиции и затоа и бројот на деловните субјекти кои ги поддржуваме од година во година расте, додаде премиерот.
Тој информираше дека по рекордната највисока финансиска поддршка за најголем број компании во изминативе пет години што ја обезбедиле лани и годинава има рекорден интерес за сетот мерки што ги обезбедувале преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
– Годинава се пристигнати рекордни 427 апликации на исто толку компании за поддршка преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, а склучени се 289 нови договори со планирани инвестиции од 365,9 милиони евра, што е тројно повеќе од оние планирани во 2022 година. Меѓу компаниите, оние од ИКТ индустријата, кои се брзорастечки, се и меѓу најбројните кои ги поддржавме, токму поради тоа што веруваме во нив, како што веруваме и во огромните потенцијали на младите, кои знаат и можат да ја стимулираат економијата и да ја придвижат напред, подвлече Ковачевски.
Силата на нашата држава е во неисцрпната енергија на младите и затоа веруваме во нивните планови и идеи, дециден е премиерот, „кои дополнително ќе нѐ стимулираат на нашиот пат кон стабилна, проспертитетна држава со огромни економски можности“.
– Овие можности уште повеќе ќе се зголемат со реализација на нашата стратешка цел, а тоа е приклучување и целосна интеграција во Европската Унија, со што за нас се отвора единствениот пазар на ЕУ – пазар со околу 500 милиони луѓе, што ќе го овозможи проширување на бизнисите, нови, подобро платени работни места и европски животен стандард. Секој поединечно, но и сите заедно, со заеднички напори, да ги здружиме нашите сили и сите заедно да го оствариме сонот за европска Република Северна Македонија, порача Ковачевски.
Свое обраќање имаше и Филип Петровски од „Дата мастерс“, кој кажа дека станува збор за првата и во моментов најголемата консултантска компанија што се занимава со вештачка интелигенција и со обработка на податоци.
Тој рече дека им е драго и нивната мисија е токму тоа, да се покаже на светот дека нашата држава има знаења и искуство. Притоа, нагласувајќи дека повеќето се вратени од надвор од државата, дома.