Ахмед Хусеин Ал Шара, познат како Абу Мохамед Ал Џолани, има речиси 40 години. Тој е радикален исламист, џихадист и член на една од најопасните терористички групи кои предизвикуваат страв на северот на Сирија во последните години. Тој стана препознатливо лице на сириските бунтовници кои ја соборија владата на Башар ал – Асад. Асад беше на власт 24 години, наследувајќи го својот татко Хафез (Басил, братот на Башар, требаше да биде наследник, но почина во несреќа).
Ал Џолани е роден во 1982 година во Ријад, Саудиска Арабија, каде што неговиот татко, Сириец, работел како нафтен инженер. Тој се вратил во татковината на неговиот татко на само седум години и пораснал во богатата населба Мезех во Дамаск, дом на бројни амбасади, вклучувајќи ја и шпанската (која ги прекина конзуларните активности во март 2012 година).
Американскиот Стејт департмент го стави на списокот на глобални терористи во јули 2013 година и понуди 10 милиони долари за информација што ќе доведе до негово апсење. Неговата организација денес се смета за најсилна опозициска група на територијата на Сирија, а раководството тврди дека е целосно независна од влијанието на поранешните партнери од Ал Каеда. На почетокот на војната во Сирија, познато е дека Ал Џолани ја презеде одговорноста за бомбашките напади и исто така најави напади врз западните сили, конфискуваше имот од верските малцинства и испрати верска полиција да ги малтретира жените. Меѓутоа, во последниве години ал-Џолани и ХТС го променија својот имиџ.
Експертот Арон Зелин пишува дека во последниве години групата промовира „цивилно владеење“ и воени акции против екстремистичките групи на „својата територија“. Џолани дури се обидува да се покаже како заштитник на другите вери, па минатата година дозволи првата миса по многу години да се одржи во црква во Идлиб. Неговата промена е забележана и во САД. Првата администрација на Доналд Трамп, пишува Зелин, објави во 2018 година дека веќе директно не го лови Ал Џолани. Сепак, и покрај потезите кон „центарот“, Џолани дозволи на негова територија да дејствуваат неколку екстремни групи. Покрај тоа, групата се вклучи во последната позната „престрелка“ со американските сили во 2022 година.
Патот на Ал-Џолани до власт
Неговиот псевдоним, Џолани, се однесува на Голанската висорамнина, област во Сирија окупирана од Израел за време на Шестдневната војна во 1967 година. Семејството на неговиот татко потекнува од тој регион, а по израелската окупација се преселиле во Саудиска Арабија. Во 2003 година, Ал Џолани се пресели во Ирак за да се бори против американските трупи, брзо издигнувајќи се во редовите на Ал Каеда.
Во 2011 година, тој доби задача да основа огранок на Ал Каеда во Сирија, што доведе до формирање на Фронтот Ал Нусра. Под негово водство групата стана една од најмоќните во Сирија. Меѓутоа, во 2016 година, Ал-Џолани објави распуштање на Фронтот Ал-Нусра и го формираше Хајат Тахрир ал-Шам, оградувајќи се од Ал Каеда. Сепак, ОН и САД сè уште го сметаат за поврзан со радикалните исламистички движења.
Иако ја промени својата реторика кон поумерен дискурс, во 2018 година САД ја прогласија ХТС за терористичка организација и понудија награда од 10 милиони долари за информација што ќе доведе до апсење на Ал Џолани.
Падот на Дамаск
Никој не очекуваше брз напредок на сириските бунтовници, кои за само неколку дена го освоија Алепо, поминаа низ Хомс и Хама и стигнаа до Дамаск. За првпат по 14 години конфликт, бунтовниците влегоа во срцето на Сирија, заземајќи симболични локации како што е палатата „Тишрин“, резиденцијата на сирискиот претседател. Асад ја напушти земјата, а неговата локација засега не е позната.