Кој е фаворит на претседателските избори во Романија и зошто соседните земји се плашат од него

Џорџ Симион, лидер на крајно десничарската Алијанса за унија на Романците (АСР) отворено се поистоветува со Доналд Трамп.

Иако популарноста на Доналд Трамп моментално е на многу ниско ниво, екстремно десничарскиот кандидат за претседател на Романија смета дека поврзувањето со американскиот претседател сепак е добитна комбинација пред изборите закажани за в недела.

Џорџ Симион, кој гордо носи капа со слоган на Трамп, неодамна беше во Вашингтон, каде им даде интервјуа на поранешниот советник на Трамп, Стив Банон и на екстремно десничарскиот активист Џек Пособик.

Ние сме природни сојузници на Републиканската партија и речиси совршено идеолошки усогласени со движењето МАГА“, рече Симион, мислејќи на неговата партија, Алијанса за унија на Романците (АСР). За таборот на Трамп, особено за сенаторот Џеј ди Венс и Илон Маск романските избори станаа интересни и симбол на борба откако тие беа поништени.

Тогаш романските власти соопштија дека изборите биле откажани поради наводно странско мешање и „агресивни хибридни напади“ од Русија. Сепак, екстремната десница тврди дека демократијата пропаднала бидејќи владата не можела да ја прифати победата на Калин Георгеску, националист познат по своите симпатии кон Кремљ.

Првиот круг од повторените избори ќе се одржи на 4 мај, а вториот круг на 18 мај.

Водиме кампања за враќање на демократијата, народната волја, владеењето на правото и уставниот поредок“, рече Симион.

АСР е конзервативна, националистичка партија со иредентистички ставови, која се залага за „голема Романија“, предизвикувајќи загриженост за потенцијалните територијални спорови со Украина, Молдавија и Бугарија. Иако тој негира дека е проруски настроен, Симион се залага за прекин на воената помош за Украина.

Основана во 2019 година, АСР веќе го има вториот најголем број места во романскиот парламент, веднаш зад левичарската ПСД. Симеон минатата година заврши на четвртото место, но сега се чини дека ја презеде поддршката на гласачите на Георгеску.

Меѓународната заедница внимателно следи дали „трумповската“ порака на Симион ќе добие поширока поддршка, бидејќи неговата победа може да ја дестабилизира Романија – членка на НАТО и ЕУ со 19 милиони жители.

Според анкетата спроведена од Политико, Симион води во првиот круг со околу 29 отсто од гласовите. Доколку победи на 4 мај, сè ќе зависи од тоа дали гласачите ќе се обединат околу второпласираниот кандидат – најверојатно поранешниот лидер на Национал-либералната партија (ПНЛ), Крин Антонеску (22%) или градоначалникот на Букурешт, Никусор Дан (20%).

Вториот круг ќе се одржи меѓу двајцата кандидати кои ќе добијат најмногу гласови во првиот круг.