Во средата шведскиот парламент официјално го одобри законот со кој ќе и се овозможи на земјата да се приклучи на НАТО откако нејзината апликација ќе биде ратификувана од сите 30 членки на алијансата, пишува медиумската агенција Reuters.
Шведска и соседна Финска поднесоа барање за влез во НАТО минатата година како одговор на руската инвазија на Украина.
Сепак, овој процес е попречен од Турција, која, како и Унгарија, допрва треба да ги ратификува шведските и финските барања.
Очекувано, шведскиот парламент го усвои законот со големо мнозинство од 296 гласови за и 35 против. Левицата и Партијата на зелените гласаа против овој закон.
Со влезот во НАТО, Шведска ќе стави крај на двовековната воена неутралност.
Шведска особено се соочува со приговори од Турција, која тврди дека Стокхолм има членови на терористички групи, што шведските власти тоа го негираат.
Анкара бара екстрадиција на луѓето кои ги смета за терористи како услов за давање зелено светло за членството на Шведска во НАТО.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган минатата недела изјави дека турскиот парламент ќе започне со ратификување на пристапот на Финска во НАТО, но го одложи случајот со Шведска.
Истиот ден, унгарскиот парламент објави дека ќе гласа за ратификација на приемот на Финска во НАТО на 27. март, но не и на Шведска.