Купувањето половен автомобил не е лесна задача. Постојат многу аспекти кои треба да се проверат за да се осигурате дека возилото е во добра состојба и да се избегнат главоболки подоцна.
Интернет огласите се полни со автомобили кои некогаш служеле како такси, често увезени овде, а клиентите претпочитаат да ги избегнуваат поради стравот од дополнително трошење предизвикано од честото возење на автомобилот.
Дали е лоша идеја да се купи користен автомобил и што се користел како такси ? carVertical, компанија за историјата на возилата, објави листа на брендови што ги претпочитаат такси компаниите и нуди неколку трикови за идентификување на возила што порано биле такси.
Се враќаме на прашањето од претходно и одговорот е да. Такси-возилата имаат тенденција да имаат голема километража, што значи дека многу основни делови може да бидат истрошени. Не е важно дали автомобилот е добро одржуван, големата километража е сепак лоша ставка кога барате користен автомобил.
Исто така, таксистите го поминуваат најголемиот дел од своите патувања во градот, што врши преголем притисок врз различните компоненти на возилото, особено моторот, кочниците и менувачот. Спротивно на тоа, возило со слична километража што се вози првенствено на автопат ќе биде во многу подобра состојба од такси-возилата.
Иако во странство такси-возилата обично се состојат од сигурни возила со добра репутација и можат да поминат многу километри, поради сето горенаведено, треба да избегнувате да ги купувате овие автомобили на пазарот на половни автомобили. Имајте ги на ум овие трикови за да идентификувате користен автомобил што порано бил такси.
1. Историјата на возилото не е лесно да се провери!
Проверката на историјата на автомобилот не е секогаш најлесниот начин да откриете дали возилото се користело како такси или не, особено ако се работи за увезен автомобил. Нечесните продавачи често ја кријат историјата на возилата што ги продаваат а се донесени и претходно биле користени како Германско такси, Uber или Bolt, целата сила на транспортерите кои не само што увезуваа, туку и сервисираат широк спектар на автомобили кај нас, објавуваат во огласот како дека е користен автомобил со малку возење и дека се втор сопственик… Верувајте им на доверливите продавачи при купувањето, не на секого, дури и ако денес нема гаранција за чесност…
2. Избришана (вратена) километража
Километражата често се одзема бидејќи таквите автомобили можат да поминат неколку стотици илјади километри за неколку години. Секако, постои поголема веројатност дека нивната километража е манипулирана. Ако имате било какви сомнежи, откажете се.
3. Најпопуларните поволни автомобили се донесуваат од Германија
Според податоците добиени од carVertical на својата платформа, најпопуларни брендови на такси автомобили на половниот пазар во Европа се Mercedes-Benz (29%), Volkswagen (14,4%), Škoda (12,3%), Volvo (10,9%) и BMW (5,8%). Бидејќи овие производители се високо ценети од клиентите, измамниците често го користат ова барање за да заработат пари.
Во однос на моделите, Mercedes-Benz E-Class е на врвот на листата (17,9%), а потоа следат Škoda Superb (7,7%), Volkswagen Passat (6,1%), BMW 5 (5%) и Volvo V70 (4,7%). Препорачливо е овие модели на автомобили да се избегнуваат да се купуваат како поволни бидејќи токму тие најчесто се употребувани во Германија како такси-возила.
4. Бојата на автомобилот
Бојата на автомобилот може да го открие и неговото минато. Многу градови во Европа се со иста боја за сите нивни такси возила, па лесно се разликуваат на улица. Познат е фактот дека некои модели, како на пример Mercedes-Benz E-Class, биле фабрички направени за потребите на таксињата а со тоа добиваат и посебна боја на каросеријата. Во Германија е крем боја. Сепак, денес фолиите се поевтино решение, па такси автомобилот може да биде во која било боја. Во овој поглед, „само небото е граница“.
5. Добро погледнете ја каросеријата на автомобилот
Покрај горенаведеното, кога купувате користен автомобил, вреди добро да го погледнете неговиот лим ако се обидувате да откриете дали автомобилот се користел како такси. Овде не мислиме на барање рѓа, туку на фактот дека понекогаш такси возилата се излепени со налепници.
Бидејќи овие налепници штитат големи површини на возилото од сонцето, овие области може да бидат потемни и појасно видливи дури и по полирањето, што може да укаже дека автомобилот се користел како такси во минатото.