– Косовскиот премиер Албин Курти го отфрли барањето на некои меѓународни фактори Владата на Косово да го испрати европскиот нацрт-статут за Заедницата на општини со српско мнозинство до Уставниот суд како предуслов за членство на Косово во Советот на Европа (СЕ).
Курти на почетокот на седницата на Владата на Косово изјави дека Косово во последните неколку недели се соочило со нов услов за прием во Советот на Европа, кој, според него, нема никаква врска со стандардите за членство во оваа организација.
Премиерот рече дека по условот за спроведување на пресудата на Уставниот суд на Косово за земјиштето на манастирот Високи Дечани, кој е исполнет, од некои европски престолнини дојде услов за испраќање на нацрт-статутот на Заедницата до Уставниот суд на Косово.
„Не го прифаќаме условувањето за членство со Заедницата на општини со српско мнозинство. За нормализација со Србија разговараме во Брисел, а не во Стразбур. Членовите 7 и 10 од Договорот не можат да се извлечат од Договорот, да се стават во центарот или погоре како итно“, рече Курти.
На оваа тема Курти говореше и на прес-конференцијата по седницата на Владата, истакнувајќи дека Косово ги исполнило сите услови и предуслови. Како што рече, тоа е констатирано и од страна на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
„Барањето да се испрати нацрт-статутот на Лајчак и на другите делегати до Уставниот суд на Косово беше одбиено три пати од институциите на Советот на Европа. Првиот пат во Париз на 27 март од Комисијата за политички прашања и демократија, вториот пат во Стразбур на 16 април повторно од Комисијата за политички прашања и демократија и трет пат во Парламентарното собрание кое имаше пленарна седница“, рече Курти.
Како што истакна, од друга страна, има гарантно писмо потпишано од претседателката Османи, претседателот на Собранието на Коњуфца и тој како премиер, во кое, како што било побарано, навеле дека се подготвени да го реализираат Основниот договор и Анексот за примена на договорот, од минатата година.
Косовскиот премиер оцени дека проблемот е во тоа што претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не го потпишал Пакет договорот, а Заедницата е дел од тој пакет. Курти нагласи дека нацрт-статутот на Заедницата би можело да биде проследен до Уставниот суд доколку документот е потпишан, и дека вака е само еден нон-пејпер и неофицијален документ кој нема потпис, ниту печат.
Одговарајќи на новинарски прашања дали тоа значи прекин на дијалогот, Курти рече дека постигнатиот Договор од дијалогот во Брисел и Анексот од Охрид се многу повеќе од дијалогот, но дека проблемот е што Србија никогаш не го почитувала тој договор.
Гласањето за прием на Косово во Советот на Европа треба да биде на дневниот ред на состанокот на Комитетот на министри на земјите членки на Советот на Европа на 17 мај, меѓутоа сѐ уште нема потврда дека тоа ќе се случи.