Луис Хамилтон ги продава сите свои луксузни автомобили, открива дека има нова страст

Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон (40), откри дека ја продал целата своја колекција луксузни автомобили, нагласувајќи дека неговата нова голема страст е уметноста.

Тој зборуваше за ова во пресрет на Големата награда на Азербејџан во Баку, откако беше прашан за новиот модел F80 на Ферари.

Хамилтон призна дека оваа одлука е дел од голема промена во животот.

„Веќе немам автомобили. Ги продадов сите и денес сум многу повеќе заинтересиран за уметност“, рече Британецот.

Сепак, легендарниот Ферари Ф40 има посебно место во неговото срце.

„Ако повторно требаше да возам автомобил, тоа би бил F40. Тоа е вистинско уметничко дело за мене“, нагласи Хамилтон, кој беше фотографиран пред F40 на почетокот на годината за време на посетата на Маранело и куќата на Енцо Ферари.

Во март, за време на отворањето на сезоната во Австралија, британскиот возач го откри и својот голем сон, еден ден да го дизајнира своето Ферари.

„Сакам да направам F44, базиран на F40, со вистински мануелен менувач. Тоа е нешто на што ќе работам во следните неколку години“, откри Хамилтон.

Неговата сега веќе поранешна колекција беше една од најимпресивните во светот на спортот. Во приватни гаражи во Монако и Лос Анџелес, тој чуваше реткости како што се Pagani Zonda 760 LH, McLaren F1 од 1995 година, Ferrari LaFerrari, LaFerrari Aperta, Shelby Cobre 42 од 1966 година, Ford Mustang Shelby GT500 од 1967 година и Mercedes-AMG Project One и многу други модели.

Вкупно 15 автомобили имаа проценета вредност од околу 13 милиони фунти (15,3 милиони евра).