Македонија и Албанија градат нова трансформаторска станица! Божиновска: Стануваме мост кон европските пазари на електрична енергија

Министерката за енергетика, рудници и минерални ресурси, Сања Божиновска, денес изврши теренска посета на градилиштето на новата трансформаторска станица во Охрид – Трафостаница „Охрид“, дел од проектот за интерконекција меѓу Македонија и Албанија.

Проектот опфаќа два дела – ЛОТ 1: Далновод Манастир – граничен премин со Албанија и ЛОТ 2: изградба на трансформаторската станица во Охрид во близина на селото Мешеишта.

На терен, министерката Божиновска беше запознаена со тековните интензивни градежни активности што се одвиваат на површина од 80.000 квадратни метри: изградба на потпорни ѕидови и косини, градежни работи на командната зграда, завршување на темелите и започнување со поставување на челични потпори и опрема на 400 kV централа.

„Со имплементацијата на овој проект, Северна Македонија гради мост кон европските пазари на електрична енергија, создавајќи услови за стабилно и економично снабдување за граѓаните и отворајќи простор за вклучување на нови производители од обновливи извори – што е наш главен приоритет“, нагласи министерката Божиновска.

Изградбата на новиот 400 kV далновод е стратешко зајакнување на стабилноста и сигурноста на електричната мрежа на земјата. Со ова се заокружува електроенергетското поврзување со сите соседи, што овозможува не само зголемена стабилност и сигурност, туку и активно учество на пазарите за балансирање и системски услуги и размена на енергија во регионот.