Македонија – шампион од Западниот Балкан, но ЕУ е „немоќна“ пред бугарското вето

Проширувањето на ЕУ со Западен Балкан, што како наратив се провлекува на самитите на Унијата со децении, според долготрајноста на времето на употреба веќе почнува да звучи како мит за оние кои е наменет (земјите-кандидатки од регионот), но и за оние кои ги кажуваат. Значи, може да се восприемаат како вистина, но недокажана со факти!

„Процесот на проширување на Европската Унија е нешто видливо и затоа ни се потребни успешни приказни во неговото спроведување на Западниот Балкан“, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата во Луксембург.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, пак изјави дека Европската Унија не смее да дозволи создавање „сива зона“ на Западен Балкан, истакнувајќи дека забрзувањето на процесот на проширувањето е клучно за зачувување на мирот и стабилноста во Европа.

На последниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, што се одржа во понеделникот (14 април) во Луксембург, со кој обично започнуваат сезонските самити на ЕУ, повторно беа испорачани многу ветувачки и пофални пораки за напредокот на реформите во евроинтеграциските процеси на земјите од т.н. регион на Западен Балкан (секако, освен за оние што не „заслужиле“ – најчесто Босна и Херцеговина), повторно беше декларативно изразена големата желба и „тага за нецелосноста“ на ЕУ, без овие земји од регионот, но на вистинскиот политички терен на Унијата, се чини дека намерите за проширување се движат сè понагласено според концептот на францускиот претседател Макрон, уште од 2019 година – за ЕУ-втора лига.

„Според методологијата за преговори за членство во ЕУ, што францускиот претседател Макрон ја воведе во 2019 година, наведен е и еден услов на кој многу малку се обрнува внимание – за компатибилно ниво на економски развој на земјите-кандидати со членките на ЕУ. Покрај тоа што за да биде примена нова членка, постојните 27 членки на ЕУ треба 150 пати да се согласат земјата-кандидатка да го продолжи процесот на преговори, дури и да го помине тој речиси невозможен ‘слалом’ со правото на вето на секоја членка, овој услов за економска компатибилност, доколку се активира – ѝ остава ‘алиби’ на Унијата проширувањето никогаш да не се случи“, вели поранешниот македoнски амбасадор, Ристо Никовски.

„Шампионски“ лет во место на македонските евроинтеграции
„Македонија е шампион кога се работи за Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан, што навистина добро функционира и таа прва ги доби средствата за предфинансирање“, кажа еврокомесарката за проширување, Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), во текот на самиот на ЕУ.

Меѓу другото, таа потенцираше дека од вкупната сума од шест милијарди евра од Планот за раст, за земјава се предвидени 715 милиони евра, во чии рамки е и предфинансирањето од 52 милиони, од кои еден дел се исплатени директно во државниот буџет, а останатиот дел оди преку Инструментот за реформи и раст на Западниот Балкан.

„Во тој поглед, не треба да се грижите за Македонија. Таа навистина е на добар пат“, нагласи Кос.

Таа потсети и дека самитот за Планот за раст на Западниот Балкан требаше да се одржи минатиот месец во Скопје, но беше одложен поради трагедијата во Кочани, па сега најверојатно ќе биде организиран во јуни, за кога Кос и најави дека ќе ја посети земјава.

Речиси во исто време, кога еврокомесаркара Кос ја нарече Македонија „шампион на Планот за раст на ЕК“, бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев им порача и на Скопје, но и на Брисел дека уставните измени што го бара Бугарија, наведени во предлог-преговарачката рамка, позната како „француски предлог“, не се единствениот услов и инструмент што ќе го користи бугарската политика во блокирањето на македонскиот пат кон ЕУ. Со таа изјава Георгиев, практично ги „фрли во вода“ сите охрабрувања на ЕУ-функционер(к)ите во врска со проширувањето, колку и да биле протоколарни и (не)искрени.

За волја на вистината, подоцна и еврокомесарката Кос, ја потврди позицијата на Георгиев, дека ЕУ не може да ја спречи Бугарија и понатаму да ѝ поставува услови на Македонија во преговарачкиот процес, односно ЕУ не може да даде гаранции дека уставните измени за отворањето на кластерите во преговорите се последниот „некопенхашки“ услов што треба земјава да го исполни во евроинтегративниот процес.

„Изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи за условите за Македонија во процесот нa пристапување во ЕУ, е само нова реафирмација на трајните бугарски политики. Нашите политичари мора тоа да го сфатат и врз основа на тоа да ги градиме македонските политики и во однос на Софија и во однос на Брисел“, вели амбасадорот Никовски.

ЕУ продолжува да биде преокупирана со себе и шокирана од САД
„Проширувањето кон Западниот Балкан е јасен политички приоритет за Европската Унија и тоа е одраз на вистинската посветеност на ЕУ кон регионот и е најважната геополитичка инвестиција за мир, просперитет и стабилност на европскиот континент“, порача претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта при дочекот на албанскиот премиер Еди Рама во Брисел, најавувајќи притоа дека следниот месец ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан.

Кога се зборува за проширувањето во ЕУ, како добро научен рефрен од стара песна по инерција, еврофункционерите велат дека тоа е „безбедносно прашање“ и „стабилноста на Западен Балкан претставува клуч за безбедноста на цела Европа“. Во изминативе три години, од инвазијата на Русија во Украина, во ЕУ сметаат дека најкритичната безбедносна загрозеност е на таа точка од европскиот континент. Иако не признаваат, од тој миг, проширувањето со земјите од Западен Балкан од „прва брзина“ е ставено во „лер“.

„Работите во Брисел во врска со проширувањето на Унијата стануваат потполно јасни. Најнова потврда за тоа ни даде новата германска власт, која само го реафирмираше најавите на позицијата на Германија за ЕУ, што ги даде претходниот премиер Шолц. Во програмата на новата германска влада, трите партии се договорија дека проширувањето на ЕУ со остаткокот од Балканот ќе биде само ‘на купче’, т.е. сите земји заедно. Вториот момент е дека новите членки ќе бидат со ограничени права – без право на глас, без комесари, со посебен статус во Европскиот парламент…, што практично значи – втора лига на ЕУ. Ако Германија спроведува таква политика, не треба да се објаснува што значи тоа за проширувањето на Унијата. Во истиот кош, Германија ги става и Украина и Молдавија, кои веројатно никогаш нема да го добијат ни тој статус. Со други зборови проширувањето на ЕУ станува невозможна мисија, и колку побрзо се сообразиме со таа реалност, толку подобро за нас“, вели македонскиот дипломат Никовски.

Тоа што наративите за проширувањето се кажуваат по инерција од високите претставници на ЕУ, Никовски смета дека е резултат на збунетоста во Унијата за насоките на сопствената иднина и во актуелната формација. На таа збунетост дополнително влијае и шокот од новите политики на американскиот претседател Трамп.

„ЕУ продолжува да биде преокупирана со своите реформи, кои никако да почнат, а никогаш и нема да завршат. Во Брисел, моментално се во тежок и длабок шок со новите политики на американскиот претседател Трамп и не знаат ниту каде се, ниту што треба да прават“, процеснува Никовски.