Лаура Ла Ру беше многу успешна во шоу-бизнисот во Лос Анџелес, но ја остави кариерата и се врати во природата.
Лаура Ла Ру (32) беше успешна манекенка во Лос Анџелес. Извесен период дури и излегуваше со холивудската ѕвезда Леонардо ди Каприо, а потоа реши да се повлече од пистата и да започне сосема необичен живот. Наместо да живее во луксузна куќа, Лаура решила да живее со своето бебе во, верувале или не, школски автобус! Таа сама одгледува зеленчук и живее во хармонија со природата.
– Повеќето луѓе се венчаат, купуваат куќа и имаат дете. Ова е она што го сакав – безбедно засолниште каде што можам да се дружам со пријателите и да уживам во основните работи што ми се потребни во животот. За среќа, овој начин на живот не бара многу пари – изјавила таа за ЛА Тајмс, а пренесува Њујорк пост.
Лаура го напуштила училиштето на 16-годишна возраст за да ги оствари своите соништа и да стане модел.
– Бев вистинска урбана девојка, но секогаш копнеев по природата. Во еден момент помислив дека не ми се допаѓа животот во градот. Можев да почувствувам како нивото на кортизол ми се качува, имав здравствени проблеми предизвикани од стрес, бев на строга манекенска диета и сфатив дека не сакам да живеам така. Ја напуштив работата и почнав со терапија за да работам на себе – додала Лаура.
Во 2016 година, таа се повлекла од работата и се преселила во мала колиба на ранчот од 72 хектари од нејзината мајка во Санта Паула. Тоа било, како што изјавила, почеток на нејзиниот нов живот. Бидејќи во 2017 година останала без покрив над главата по катастрофалните пожари во Санта Барбара, таа одлучила да остане на ранчот на нејзината мајка. Таа се заљубила во еден млад човек кој работел на ранчот и парот набргу почнал со својата авантура така што живееле во приколка од 1981 година.
Кога останала бремена, Лаура сфатила дека ѝ треба стабилен живот, па таа и нејзиниот партнер реновирале стар училиштен автобус и од него направиле дом.
– Иако изгледа мало, имаме сè што ни треба – тоалет за компостирање, туш кабина, плоча за готвење и рерна. Имаме совршено катче за спиење за бебето – рекла таа.
По нејзината манекенска кариера, Лаура започна да прави вратоврски. Таа лансираше свој бренд и се здоби со популарност на социјалните мрежи и на нејзиниот канал на Јутуб, каде што објавува упатства и ги продава своите уникатни вратоврски.
– Мојата цел е да ги инспирирам луѓето да направат промена и да го подобрат својот живот, да не се плашат да ризикуваат. Јас и ќерка ми постојано сме надвор и мислам дека тоа е најдобриот начин за едно дете да израсне здраво – порачала Лаура.