Францускиот фудбалер Килијан Мбапе денеска наполни 26 години, а по тој повод даде интересно интервју за beIN Sports во кое зборуваше и за своите соиграчи во текот на кариерата.
Мбапе, кој летово пристигна во Реал Мадрид, но навистина не блесна на почетокот на својот живот на „Сантијаго Бернабеу“, во текот на својата кариера играше со бројни великани на фудбалската игра.
Но, кога беше прашан да ги избере петте најдобри фудбалери со кои играл, Мбапе ги изостави сите актуелни ѕвезди на Реал Мадрид со кои денес ја дели соблекувалната.
„Играв со големи играчи како Лионел Меси, Нејмар, Антоан Гризман, Пол Погба и Карим Бензема“, наброја Мбапе.
Од друга страна, тој истакнува дека жали што никогаш не играл со својот фудбалски модел Кристијано Роналдо и свесен е дека ќе биде многу тешко да го направи тоа.
„Би било интересно да се игра со Кристијано Роналдо, но сега ќе биде многу тешко. Имав среќа да играм против него, легенда на овој спорт“, додаде тој.
Мбапе откри и дека Реал Мадрид е единствениот клуб во светот за кој би го напуштил Пари Сен Жермен.
“Се преселив во најголемиот клуб во светот. Секогаш велев дека тоа е единствениот клуб во кој ќе одам од ПСЖ. Ако не можев да се преселам во Реал, засекогаш ќе останев во ПСЖ”, додаде одличниот Французин.
На почетокот на кариерата во Мадрид, Мбапе беше најмногу критикуван за лошите игри во поразите од Барселона и Ливерпул. Промаши пенал и против Ливерпул, па беше нападнат од некои навивачи на Реал.