Земјоделците во поширокиот Полошки регион максимално гo користат сончевото време и веќе ги започнаа првите подготовки за претстојната пролетна сеидба, а поради што деновиве се чувствува зголемена раздвиженост на нивите на кои интензивно се чистат отпадоците. Притоа, поединци повторно ги палат стрништата и сувата вегетација (трева, жбунови и слично) и потоа заминуваат од нивите и огновите ги оставаат без контрола.
Оттаму, Секторот за внатрешни работи Тетово уште еднаш апелира до земјоделците, но и до сите други граѓани да бидат докрај внимателни ако се движат или работат во полето и посебно да не палат огнови, кои брзо можат да се прошират, особено ако времето е ветровито, какво што впрочем беше изминатиот викенд.
Зашто, во спротивно предизвикувачите на пожар на ваков начин ќе се соочат со ригорозни законски санкции, односно со соодветни поднесоци и со можни затворски казни од 6 месеци до 8 години, зависно од видот на пожарот и другите околности и последици.
Секторот за внатрешни работи Тетово презема координирани превентивни и други мерки, навреме да се пресретнат можните причини за пожари, а во наредниот период ќе бидат засилени и планираните контролни активности на поширокото подрачје.