– Министерката за култура на Северна Македонија, Бисера Костадиновска-Стојчевска, придружена од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и амбасадорот на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир, одржаа заедничка прес-конференција по повод изборот на Скопје за Европска престолнина на културата за 2028.
Министерката Костадиновска-Стојчевска рече дека ова е огромен успех за македонската култура и „тест за нашиот однос кон неа“.
Таа додаде дека истовремено оваа титула бара многу работа и многу обврзува, додавајќи дека Владата се обврза на безрезервна поддршка.
„Оваа титула, која на нашиот главен град му ја доделија експертите на Европската комисија, не е награда. Таа е шанса, можност и како министерка за култура убедена сум дека ќе дадеме сѐ од себе во 2028 година да бидеме горди на Скопје, но и Скопје да биде горд на нас“, рече министерката.
Градоначалничката Арсовска во својот говор истакна дека фактот што Скопје беше избрано едногласно од сите девет члена покажува сериозна потврда за посветеноста.
„Целата градска администрација е заслужна за ова и ме радува што ќе има можност да продолжи, без разлика кој ќе биде градоначалник, кој е градоначалник и кој бил градоначалник, да ги реализира и да ги остварува сите оние нешта што ни биле долгогодишен сон на сите нас”, рече Арсовска.
Евроамбасадорот Дејвид Гир, кој дел од својот говор го одржа на македонски јазик, упати честитки за достигнувањето.
„Наградата Европска престолнина на културата за 2028 година е големо достигнување. Тоа е и признание за културното богатство и различноста што ги поседува овој град. Вашиот град, вашата култура“, рече евроамбасадорот Гир.
На прес-конференцијата беа присутни и членовите на групата што ја подготвија апликацијата, кои рекоа дека се предвидени различни проекти што ќе го отсликуваат мултикултурното Скопје.
Според плановите на Европската комисија, во 2028 година три града треба да ја носат титулата европски престолнини на културата: еден град во Чешка, еден во Франција и еден град од земја надвор од Европската Унија, од земја членка на ЕФТА/ЕЕА, земја кандидат или потенцијален кандидат за членство во ЕУ.
Скопје се натпреваруваше со Будва за титулата европска престолнина на културата за 2028 година во земја надвор од ЕУ.