Равенката за евроинтеграциите на Македонија во име на ЕУ ја постави еврокомесарката за проширување Марта Кос
Повеќе никој нема дилема дека уставните измени што се бараат од Македонија се само првото скалило на еден долг и неизвесен пат, кој на крајот секако завршува со идентитетско обезличување на македонскиот народ.
За тоа е свесна и Европската Унија, која точно знае дека она што е зацртано во протоколите и патоказите што се дел од преговарачката рамка неминовно води кон еден таков исход, па затоа не се осмелува да дава какви било гаранции дека промената на Уставот е последното бугарско барање кон земјава.
ЕУ претходно даде лажни ветувања за земјава дека промената на името е последниот услов за почеток на пристапните преговори, но откако тоа не се случи, сега Брисел е внимателен во пристапот бидејќи е свесен оти со ново лажно ветување дефинитивно ќе го урниса и онака разнишаниот кредибилитет на Унијата во регионот.
Нема гаранции, нови услови ќе има
Еврокомесарката за проширување Марта Кос, во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), јасно кажа дека ЕУ не може да даде гаранции за Македонија оти и самата е свесна дека уставните измени не се единственото нешто што ќе се бара од земјава.
– Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на устав. Сфаќаме и многу е човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по сето она што го помина. Гаранции не може да има, но она што го очекувам од сите земји членки кога има билатерални прашања, е разговорите да се водат со добра волја и со визија да се дојде до компромис – објасни Кос.
Наративите што можат да се слушнат од Брисел повторно се на иста линија со она што го изјавува официјална Софија, дека уставните измени се само еден од чекорите што треба да ги направи Македонија, како што неодамна го изјави тоа шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев.
– Многу е важно да се знае дека уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот како државотворен народ не е единствениот услов… Ние нема ниту да промениме нешто во нашето мислење, ниту пак има нешто што ќе го отфрли т.н. европскиот консензус, кој беше постигнат во 2022 година – порача Георгиев.
По ваквите усогласени ставови на Кос и на бугарските челници, апсурдно е да се говори за некакви гаранции или предвидливост на македонскиот пат кон ЕУ. Она што единствено е извесно, тоа е неизвесноста. Уште позагрижувачки е што ЕУ не ги отфрла билатералните прашања од преговарачкиот процес, туку најавува дека за нив ќе се дискутирало и ќе се барало компромис. Од досегашните искуства се покажа дека ЕУ секогаш била на страната на своите членки, а компромисот секогаш бил на македонска штета бидејќи отстапките се барале само од нејзина страна. Така е и сега.
Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, се согласува дека е апсурдно да се прават уставни измени кога е извесно дека по уставните измени ќе има нови барања за земјава, а ЕУ не може да дава гаранции.
– Ние имаме многу искривен поглед на она што се случи со францускиот преговарачки предлог, кој не стана правен основ за наши преговори со ЕУ. Ние сега уште се држиме на тоа дека некоја влада што имаше само мандатна ингеренција го прифатила овој предлог, но имајќи предвид дека ние сме парламентарна демократија, истиот тој предлог не беше прифатен во Собранието и со тоа немаме обврска врз таа основа да преговараме со Унијата. Во тој контекст и самите понатамошни дискусии околу протоколите и нивното спроведување станува беспредметно затоа што вториот основ по кој ние можеме на некој начин да бидеме условени е Договорот со Бугарија, кој е билатерален, не е како оној со Грција, кој е верифициран во ОН, туку едноставно може да биде надграден, дополнет и дури и може да стане и неизвршен. Така, во тој контекст, ние не треба да се однесуваме вазално кон Европа, да бараме гаранции и слично. Нив никој нема да ни ги даде оти и Европа се наоѓа во комплицирана внатрешна ситуација. Наш став треба да биде да си ја зачуваме нашата позиција, која има правен основ за преговори со ЕУ, тоа се двата наши аргумента, Договорот за стабилизација и асоцијација од 2001 година и Договорот за европско партнерство за мир од 2008 година, во кои точно се одредени правните инструменти по кои Македонија преговара со ЕУ. Ние и сега тивко преговараме со Унијата преку годишните посети на ЕК и досега добивме 16 препораки за почеток на пристапните преговори – вели Ѓорчев.
Ѓорчев: Ние веќе преговараме со ЕУ
Тој додава дека мора да се грижиме за тоа дека Македонија има правен основ за преговори и сѐ додека не дојде предлог што би бил прифатлив и не ги загрозува македонските национални интереси и суверенитетот, ние не треба да се надеваме и да бараме гаранции дека некој нас ќе ни ги отвори европските врати.
– Како Македонија не сме интересни за Унијата и затоа не даваат никакви гаранции. Но како цел Западен Балкан во пакет имаме повеќе шанси. Европа е во целосна внатрешна криза и во тоа политичко замешателство можеби ќе се појави шанса Македонија да ги почне преговорите – нагласува Ѓорчев.
Според него, флоскулите дека ние нема да добиеме нов преговарачки документ се урнаа гледајќи што се случува на светската геостратегиска сцена.
– Ова што се случува со Украина, со Турција, со Газа, со Романија, се гледа дека станува хаос во Европа. ЕУ знае дека не може да ни даде гаранции, нема едногласност и единство во Унијата. Ние нашиот пат треба да си го одиме кон Европа, ние сме Европејци, но ако нема желба, тогаш треба да се избориме за нашите интереси. Имаме силни економски врски со ЕУ, на крајот од краиштата формата не е битна, битна е содржината. Ние сакаме во Европа, но не можеме поради пречките на соседите. ЕУ може да понуди модус како да ја зајакнеме соработката имајќи предвид дека ние како држава целосно ги имаме усогласено сите политики со Унијата. Сѐ функционира, но ние како Турција и Исланд сме закочени. Исланд за рибарството, Турција поради исламот, ние поради соседите. Но тоа не значи дека овие земји не преговараат. Ние преговараме, во јуни ќе дојде оценска мисија ќе каже дали напредуваме во реформите и нашиот пат кон ЕУ си функционира. Ние преговараме по основ на оценска мисија – потенцира Ѓорчев.
Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија е на ставот дека Бугарија нема никогаш да се повлече од своите позиции, дури и да ги ставиме Бугарите во Уставот.
– Не сменија Грците ништо во својот устав кога влегуваа во ЕУ, ниту Бугарија го смени во 2007 година, многу се едноставни работите, но треба да се прикажат во таква светлина. И на Марта Кос треба отворено да ѝ се каже, тој француски предлог не помина во Собранието, не е прифатлив за македонските граѓани, за тоа се изјаснија на изборите, кажаа дека тој нетранспарентен и неконзистентен пристап ги крши македонските стандарди за преговорите, така што ние едноставно нема да разговараме за тоа, нема никаква причина францускиот предлог да биде дел од нашата преговарачка рамка со Унијата. Погрешен е, фаворизира една страна, ја демонизира Македонија како земја дека не почитува човекови права и слично, без оглед што земјава е многу понапред во унапредувањето на малцинските права и од многу земји членки на Унијата. Кога ќе стане правен основ некој друг предлог, тогаш може да преговараме. Сме се бореле за македонските интереси и низ историјата, а сега кога имаме држава, институции, кога ЕУ ни кажува дека не дава гаранции, тогаш нема зошто да попуштаме и да ги распродаваме националните интереси – заклучува Ѓорчев.