Мицкоски презентираше три итно потребни предлози за решавање на проблемите во градот Скопјe

Она што ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата го направија овие два дена навистина претставува иновација на политичката сцена во Македонија. Добро е што секоја година се обидуваме да внесеме иновација, добро е што другите опозициски политички партии можат да следат и да научат нешто ново, што во иднина може да им биде корисно при презентирање на некои од нивните опозициски идеи, кои ние, како Влада, ќе можеме да ги анализираме и искористиме дел од нив, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на партискиот саем.

Мицкоски за локалните избори во Скопје рече дека се итно потребни три работи, а првото нешто е хигиената, додека обраќајќи се до кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, рече дека конечно мора да се справи со овој проблем и да го исчисти Скопје од ѓубре.

„Паралелно со тој процес, се одвива процес на урбана експанзија и збогатување со хортикултура. Секако, во првата година од мандатот, верувам дека главното, централно јадро на Градот треба да биде дел од неговиот фокус. Кога зборувам за главното централно јадро на Градот, пред сè мислам на Градскиот парк, за конечно Градот и неговите најмлади да го добијат забавниот парк што го заслужуваат“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски го спомена и туризмот, велејќи дека треба да се ревитализираат Скопското кале и Старата чаршија.

Тој рече дека очекува убедлива победа за ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори.