Секој што отвора тема за идентитетски прашања не му мисли добро на соседот и уште помалку ги почитува европските вредности. Во двата договори стои дека земјите-членки мора безусловно да нè поддржат. Македонија никому ништо не предизвикува и не сакаме да нè оспоруваат, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски, кој учествуваше на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, истакна дека билатералната соработка е клучна кога се зборува за економската соработка, туризмот, размената на знаења, образованието итн. и затоа што овде тој процес има додадена вредност.
„Ако има билатерални разговори и преговори за идентитетски прашања, тогаш тој процес не може овде успешно да заврши, бидејќи е поврзан со емоција, а не со рационалност. Секој процес поврзан со емоции не може да биде процес кој ќе се заснова на напредок, квалитет и испорака на резултати.
Затоа побарав да ги оставиме настрана емотивните билатерални прашања и соодветно да ги прочитаме договорите. Во двата договори стои дека земјите-членки кои се втора страна, Грција во едната, Бугарија во другата, мора безусловно да нè поддржат. Никаде во Договорот за добрососедство нема дел што нè принудува на уставни измени. Мораме правилно да гледаме на работите, да ја гледаме вистината во очи, а не како што ни одговара“, рече премиерот Мицкоски.