Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања денес, рече дека во наредниот период ќе бидат номинирани нови имиња кои ќе ја заменат Алијансата за Албанците, крилото на Арбен Таравари, која ја напушти владината коалиција.
„На редовниот состанок на Извршниот комитет синоќа разговаравме за актуелната економска и политичка состојба во земјата. Очекувам до крајот на месецот да ги презентирам предлозите за кандидати за градоначалник на членовите на Извршниот комитет, а оттаму ќе бидат доставени до Централниот комитет. Членовите на Извршниот комитет ме овластија во наредниот период да номинирам нови имиња кои ќе ги заменат имињата на оние кои одлучија да се приклучат на Али Ахмети и ДУИ, односно од партијата на Арбен Таравар“, рече Мицкоски по поставувањето камен-темелник на училишна спортска сала во зграда на огранокот на основното училиште „Гоце Делчев“ во село Долно Лисиче, општина Аеродром.
Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали ресорите што ги остави Таравари ќе останат кај ВЛЕН или ќе бидат поделени, рече дека многу работи ќе станат појасни во наредниот период, повика на трпение и изрази увереност дека ќе се постигне договор.
Синоќа, на седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, каде што се дискутираше за актуелната економска и политичка состојба во земјата, претседателот на партијата и премиер Христијан Мицкоски беше овластен да предложи нови кадровски решенија за позициите што претходно ѝ припаѓаа на Алијансата за Албанците, по одлуката на Арбен Таравари да ја напушти владината коалиција.
Еден од лидерите на ВЛЕН, Билал Касами, денес изјави дека позициите на ВЛЕН во владата нема да бидат променети, но дека се подготвени за реконструкција.