Мицкоски: Судството и обвинителството, последните бастиони на заштита на владата на СДСМ – ДУИ

Лидерот на ВМРО Христијан Мицкоски, на митинг во Сопиште во рамките на изборната кампања за претстојните локални избори, се осврна на темата за правдата во земјата, а акцент стави на судскиот систем, кој, според него, мора да биде непристрасен, да има судии кои судат според законот и процедури кои ќе ја вратат довербата.

Мицкоски во својот говор додаде дека правдата не треба да биде привилегија на неколку луѓе, и дека постојат бариери кои се интегрирани во државните институции и функционираат како длабока држава во државата.

„Многу ме прашуваа во изминатиот период зошто и како не правиме реформи во судството, реформи во обвинителството. Ова е нешто што е болно за сите нас, бидејќи и судството и обвинителството се сегменти кои сè уште претставуваат последни бастиони во одбрана на претходната влада. Ако некој ме праша зошто, бидејќи инсталациите таму, и покрај десетиците, би рекол повеќе од сто извештаи што доаѓаат од надлежни институции, поткрепени со докази, тие не ги обработуваат, туку ги чуваат во фиока. Но, по овие локални избори, ќе се вратиме и на таа тема“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека е време за ресетирање на системот, со цел да се изгради држава на правда, а во истата држава на правда, судскиот систем мора да биде непристрасен и непоколеблив. Како што рече, здравствениот систем ќе биде столб на државата, со прифатливи лекови, модерни болници и стручен кадар.