Американските сили и нивните сојузници во Ирак и Сирија биле цел на 23 напади со беспилотни летала или ракети во изминатите две недели, изјави вчера неименуван претставник на Пентагон.
Бројот на напади врз американските сили и меѓународната антиџихадистичка коалиција распоредена во Ирак и Сирија е зголемен од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, палестинска исламистичка група блиска до Иран.
„Помеѓу 17 и 30 октомври, американските и коалициските сили беа нападнати најмалку 14 пати во Ирак и 9 пати во Сирија“, рече американскиот претставник.
Овие напади беа извршени со беспилотни летала и ракети и „повеќето од нив не успеаја да стигнат до целта благодарение на нашата силна одбрана“, додаде тој.
Вашингтон го обвинува Техеран дека е индиректно вклучен во овие напади.
Американските сили извршија напади во источна Сирија минатата недела врз два објекти што ги користат иранската Револуционерна гарда и групи блиски до Гардата.