Народна банка: Цените на становите за 15 години зголемени за 54%

Цените на становите во Република Северна Македонија бележат значителен раст во изминатите години. Според Народната банка, цените на становите од 2010 година досега се зголемени за 54%.

Според овие податоци, цените само во третиот квартал минатата година зголемени се за 8% во споредба со претходната година.

Во Скопје, просечната цена на квадратен метар е 1.680 евра, со најниски цени во Петровец (1.090 евра) и највисоки во Центар (1.898 евра).

Во Охрид цените на становите се приближуваат до оние во Скопје, при што достигнуваат и до 2.000 евра за квадратен метар.

Во другите градови во државава, како Прилеп и Кичево, цените се значително пониски, додека во Велес, новоградбите достигнуваат 1.580 евра за квадратен метар.

За споредба, цените на становите во соседните земји, како Србија и Црна Гора, се значително повисоки.

Како што објави порталот Пари, повикувајќи се на студијата Deluxe Holiday Homes, која користи податоци од Банката за меѓународни порамнувања (BIS) и веб-страницата Numbeo, Србија е на првото место по највисок раст на цените на становите од 2023 до 2024 година 82,66 отсто. На второ место е Литванија 75,78 отсто, а на трето Романија 74,50 отсто. Малта и Шпанија, исто така, забележале значителни зголемувања на цените на становите во текот на изминатата година за околу 45 отсто.

Цените на становите во Европската Унија се зголемија за 50% од 2010 година, додека трошоците за домување, вклучително и сметките за комунални услуги, драстично се зголемиле во некои земји-членки, се наведува во извештај на Евростат за домувањето во Европа.