Меѓународен тим предводен од јапонскиот истражувач Аидо Такузо од Институтот за физички и хемиски истражувања RIKEN објави дека успеал да развие нов вид пластика која е издржлива, но биоразградлива во морската вода и не формира микропластика.
Како што пренесува јапонскиот медиумски сервис NHK, според објаснувањето на истражувачите, нов вид пластика, која може да се рециклира, ќе помогне да се намали загадувањето на животната средина и акумулацијата на микропластика во океаните.
Тим од научници развива материјал кој ќе ја замени конвенционалната пластика добиена од фосилни горива.
Истражувачите, кои своите наоди ги објавија во американското списание „Science“, објаснуваат дека пронашле нов вид пластика која е безбојна и проѕирна, а има иста јачина и отпорност на топлина како полипропиленот.
Новиот материјал се нарекува супрамолекуларна пластика. Станува збор за „полимери со структура споена со потенцијално реверзибилни интеракции“, а научниците веруваат дека тие ќе имаат различни примени.