Највредните светски брендови во автомобилската индустрија во 2024 година (Фото)

Објавена е листата на највредните автомобилски марки во светот, а меѓу нив се и познатите брендови кои се здобија со глобално признание, што им донесе вредност од милијарди долари.
Вредноста на овие брендови не се мери само со финансиски показатели, туку и со способноста да се прилагодат на современите технолошки и кориснички барања. Во последната деценија, фокусот на автомобилската индустрија сè повеќе го вклучува воведувањето нови технологии и грижата за зачувување на животната средина.

Во овој контекст, агенцијата Brand Directory ја објави годинешната листа на највредни светски брендови, меѓу кои има и автомобилски гиганти.

Мерцедес Бенз на прво место
Така, Mercedes Benz го зазеде првото место, со вредност од 59,4 милијарди долари (56,57 милијарди евра). Оваа вредност ја постигна благодарение на препознатливоста, но и ориентацијата кон нови технологии без значително оштетување на идентитетот на самиот бренд.

На второ место е Tesla, американскиот бренд на електрични автомобили во сопственост на Илон Маск. Нивната проценета вредност е 58,3 милијарди долари (55,5 милијарди евра), пред се благодарение на технологиите за автономно возење и пристапноста на бројните светски пазари. Моделите на Tesla се најпродаваните електрични возила во светот.

На трето место е првата азиска марка, јапонската Toyota. Доверливоста и издржливоста како квалитети поврзани со нивните возила им донесоа 52,7 милијарди долари (50,19 милијарди евра).

Потоа има три германски брендови. Проценетата вредност на Porsche е 43,1 милијарди долари (41,05 милијарди евра), на BMW 40,9 милијарди долари (38,95 милијарди евра), додека вредноста на Volkswagen, и покрај проблемите во бизнисот, достигна 33,8 милијарди долари (32, 19 милијарди евра).

Потоа следуваат два азиски претставници, Хонда и Хјундаи со вредност од 25,9 односно 22,9 милијарди долари (24,66 и 21,8 милијарди евра). Листата ја затвораат Ford со вредност од 20,9 милијарди долари (19,9 милијарди евра) и Audi, петтата германска марка, инаку дел од групацијата Volkswagen, со вредност од 14,4 милијарди долари (13,7 милијарди евра)