Звучи неверојатно, но е вистина: 4,2 милијарди евра се наоѓаат на германски банкарски сметки, кои не му припаѓаат на никого.
Тие пари се наоѓаат на таканаречените неактивни или заборавени сметки. Имено, станува збор за сметки чии сопственици починале и немаат наследници или сметки кои не се евидентирани во никакви документи. Ова го истакна и Кристијан Клајн, професор по економија на Универзитетот во Касел.
Во извештајот, кој е нарачан од Министерството за образование и истражување на Германија, се наведува дека е можно да станува збор за нелегални средства, црни пари и пари добиени од трговија со дрога. Сметката се смета за заборавена ако банката со години не можела да воспостави контакт со сопственикот.
Сметката генерално се затвора по 30 години, но банката е должна да ги врати парите од таа сметка ако сопственикот на сметката го побара тоа по 45 години. Банките не сакаа да бидат соговорници на порталот tagesschau на оваа тема.
„Имам чувство дека ова е некако непријатно за повеќето банки. Парите се заборавени и сега „лежат“ и не се чувствувам удобно банката да ги „присвојува““, истакна Клајн.
Главниот правен експерт на Германската банкарска асоцијација, Торстен Хехе, не смета дека е потребно воопшто да се дискутира за ова прашање, бидејќи е регулирано со закон. Од друга страна, државата има намера да ги пренасочи средствата од овие сметки кон револвинг фондот. Ваквото решение функционира во некои европски земји, како што е Велика Британија, каде што социјалниот систем успешно се финансира со овие пари.
Банкарите им советуваат на клиентите да сторат сè што е можно за парите да не завршат кај никого, пишува tagesschau.