По нападот врз Сана, главниот град на Јемен, израелскиот министер за одбрана Израел Кац објави дека нападите биле насочени кон воените кампови на Хутите каде што се собрале оперативците.„Ветивме повеќе напади, а денес зададовме уште еден болен удар на терористичката организација во Јемен“, вели Кац.
Тој рече дека израелската војска ги нападнала Сана и други локации низ Јемен, таргетирајќи воени кампови управувани од Хутите.
„Долгата рака на Државата Израел ќе посегне и ќе го нападне тероризмот каде и да постои и каде и да постои закана за нашите граѓани“, додаде Кац.
Ројтерс објави дека во нападите загинале неколку лица, но точниот број сè уште не е утврден.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, се огласи, велејќи дека Израел ќе продолжи со нападите.
„Пред неколку дена ги елиминиравме повеќето членови на владата на Хутите. Денес повторно ги нападнавме од воздух, погодувајќи ги нивните терористички објекти, терористички бази со многу терористи и дополнителни локации. Ќе продолжиме да напаѓаме“, рече Нетанјаху, според „Тајмс оф Израел“.
Портпаролот на јеменските вооружени сили во соопштение објавено на Телеграм наведува дека воздушната одбрана на земјата испалила неколку ракети земја-воздух и го запрела голем дел од израелскиот напад, пренесува Би-Би-Си.
Тој додава дека некои членови на напаѓачката единица биле принудени да се повлечат пред да може да се изврши нападот и дека голем дел од нападот бил неуспешен.