Нетанјаху му се закани на Хамас: „Секој што ќе крене рака против Израел ќе биде збришан“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави денес, на втората годишнина од нападот на Хамас, дека Израел ќе продолжи да дејствува на секој начин за да ги врати сите заложници – и живи и убиени.

„Нашите крволочни непријатели нè удрија силно, но не нè скршија. Набрзо ја открија огромната сила на народот на Израел . Нашите војници и команданти возвраќаат со полна сила на оние кои ни посакуваат зло, на секој фронт, блиску и далеку. Кој ќе крене рака против нас, добива невидени разорни удари“, рече Нетанјаху, објавува „Тајмс оф Израел“.

Според него, Израел ја проби иранската оска

„Заедно го променивме лицето на Блискиот Исток , заедно ќе ја гарантираме вечноста на Израел“, додаде тој.

Во Египет се во тек интензивни разговори за потенцијално ослободување на заложници и договор за прекин на огнот, а Нетанјаху вели дека Израел е „во деновите на историска одлука“ и ќе продолжи да дејствува за да ги постигне сите цели на војната – враќање на сите заложници, елиминирање на владеењето на Хамас и обезбедување дека Газа никогаш повеќе нема да претставува закана за Израел

„Сопругата и јас се поклонуваме во спомен на нашите паднати, чиј лик засекогаш ќе биде врежан во нашите срца. Со љубов ги прегрнуваме ожалостените семејства, им посакуваме целосно закрепнување на повредените по тело и душа“, заклучи премиерот на Израел.

Нападот на Хамас врз Израел се случи на 7 октомври 2023 година, кога беа убиени околу 1.200 Израелци, а 251 лице беше киднапирано.