Не може да биде повозбудливо од ова! Индијана ја победи Оклахома во финалето на НБА на 0,3 секунди до крајот

Вечерва се одигра првиот натпревар од финалето на НБА, во кој Индијана славеше во драматичен натпревар на гости против Оклахома Сити со резултат 111:110 и поведе со 1-0 во серијата, која се игра на четири победи.

Оклахома водеше од почеток до крај, а на почетокот од четвртината дури имаше и плус 15 (94:79).

Малку по малку, Индијана ја намалуваше предноста и во последната половина минута, Оклахома поведе со 110:109.

На 11 секунди до крајот, MVP-то на лигата Шаи Гилџус-Александар шутираше од својата омилена позиција од половина дострел и промаши, давајќи ѝ шанса на Индијана да го преземе своето прво водство во натпреварот и да победи.

Тајрис Халибартон ја презеде одговорноста, а за разлика од Шаи, тој беше прецизен и го постигна победничкиот гол на 0,3 секунди пред крајот.

Дури шест играчи на Индијана постигнаа двоцифрен број поени, а тројца имаа дабл-дабл. Паскал Сиакам беше најефикасен со 19 поени и 10 скока, Оби Топин додаде 17 поени, а Халибартон имаше 14 поени, 10 скока и 6 асистенции.

Во редовите на Оклахома, Гилџус-Александар беше најдобар со 38 поени.

Вториот натпревар од серијата се игра исто така во Оклахома Сити, во понеделник во 2 часот наутро.