Нови 65 случаи на грип

Пријавени се 65 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грип, од 25 ноември до 1 декември, информираат попладнево од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Два случаја повеќе во споредба со претходната недела, а споредено со 48-ма недела од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 3,2 отсто. Во однос на моделот за последните 14 сезони, се регистрира намалување од 18,9 проценти.

Во однос на возраста, од 15 до 64 години регистрирани се 43 лица, над 65 години – 11, од пет до 14 години – девет и до четири години – две лица. Највисока инциденца (10,2/100.000) се регистрира кај лицата на возраст од пет до 14 години.

Заболените лица оваа недела се регистрирани во Куманово – 18, Гостивар – 17, Тетово – осум, Струмица – шест, по четири во Кавадарци, Неготино и во Штип, Прилеп – две и по еден во Скопје и во Радовиш.

Во сезоната 2024/2025 вкупниот број случаи на грип – заболувања слични на грип изнесува 454 случаи.

Од ИЈЗ нагласуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на таканаречените ризични групи.

Во нашата држава, вакцинирани се вкупно 71.313 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против сезонски грип.