Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да се повлече за да ја спаси својата земја, смета Александар Темерко, украинско-британски енергетски тајкун кој претходно работел во руското Министерство за одбрана.
„Не е доцна за Украина, но може да биде за Зеленски”, рече тој.
Во написот што го напиша за британскиот весник „Телеграф“, Темерко тврди дека Зеленски повеќе не дејствува во интерес на Украина и дека неговиот пристап активно им штети на изгледите на земјата за постигнување мир.
„Време е да се согласиме на демократски избори и да се отвори пат за влада на национално единство”, напиша тој.
Неговиот повик доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец предложи Зеленски да одржи избори, нарекувајќи го „диктатор“, и покрај тоа што украинскиот закон забранува избори додека е на сила воената состојба.
За да се најде решение, Темерко предлага Зеленски да распише избори за оваа година и да остане на функцијата привремен претседател додека не се избере нова влада.
„Ако доброволно се повлече, ќе има можност да го зачува своето достоинство како херој на Украина – лидер кој одговори на повикот на нацијата во најмрачниот час и потоа ја направи вистинската работа кога беше неопходно“, заклучи тој.