Онколог открива што јаде за појадок секој ден за да спречи рак

Урамнотежениот и хранлив појадок е важен од многу причини, вклучително и намалување на ризикот од развој на болести, па дури и рак. Иако не постои специфична суперхрана што може целосно да го елиминира ракот, она што го јадеме е сè уште моќна алатка за поддршка на целокупното здравје, вклучително и намалување на воспалението што може да влијае на ризикот од рак.

Специјалистката по онкологија и хематологија, д-р Тингтинг Тан, откри за порталот „Итинг Вел“ што јаде за појадок секој ден. Како што објасни, таа сака да го започне денот со појадок богат со интегрални житарки, овошје и јаткасти плодови, храна која е поврзана со помал ризик од развој на разни видови рак.

Како овој појадок може да помогне во спречувањето на ракот?

Генетиката, возраста и семејната историја се очигледни фактори на ризик за развој на рак, но животните навики, како што е исхраната, исто така играат важна улога.

„Исхраната е важен фактор во превенцијата од рак и нешто на кое можеме да влијаеме, за разлика од семејната историја на болеста“, вели д-р Тан и додава: „Механизмите со кои одредена храна го намалува ризикот од рак се сложени“.

Врската помеѓу исхраната и ракот е секако комплексна, но истражувањата покажаа дека исхраната со ниска содржина на хранливи материи (како што се овошје, зеленчук, интегрални житарки и јаткасти плодови) може да го зголеми ризикот од развој на рак, објавува „Eating Well“.

Но, исхраната не е единственото нешто потребно за намалување на ризикот.

„Покрај здравата исхрана, важно е да се одржува здрава телесна тежина и да се биде физички активен“, додава д-р Тан. Таа продолжи да објаснува зошто овесната каша со јаткасти плодови и бобинки е нејзиниот омилен појадок.

Цели зрна

„Целите зрна како овесот се сметаат за храна што се бори против ракот бидејќи содржат фитоестрогени, антиоксиданси и влакна, сите состојки што можат да помогнат во намалувањето на ризикот од рак“, вели Тан. Овесот содржи значителна количина на растителни влакна, што може да биде корисно за здравјето на дебелото црево.

„Една од причините може да биде тоа што влакната ја поддржуваат здравата цревна флора, што може да игра важна улога во превенцијата од рак“, објаснува Тан. На пример, систематски преглед од 2021 година објавен во Journal of Nutrition откри дека јадењето овес може да го зголеми бројот на корисни бактерии во цревата, објавува Eating Well.

Бобинки

„Храната што содржи биоактивни растителни соединенија, присутни во зеленчукот, овошјето, мешунките и јаткастите плодови, може да го забави растот на клетките на ракот“, додава Тан. Боровниците се богати со растително соединение наречено антоцијанин, кое им ја дава нивната интензивна сина боја и може да го намали воспалението и штетните ефекти на слободните радикали.

Јаткасти плодови

Освен што додаваат крцкава текстура, јаткастите плодови како пеканите и бадемите го збогатуваат појадокот со здрави масти, растителни влакна и протеини.

Бадемите, пеканите и многу други јаткасти плодови содржат природни соединенија наречени полифеноли, кои можат да имаат позитивен ефект врз здравјето на цревата. Јаткастите плодови имаат и антиинфламаторни својства, „а знаеме дека хроничното воспаление е поврзано со развојот на рак“, истакнува Тан. Покрај тоа, тие се богати со антиоксиданси како што е витаминот Е, кој може да ги заштити клетките од оштетување на долг рок.