Унгарскиот премиер Виктор Орбан на денешната заедничка прес-конференција со претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, истакна дека посетата на македонската владина делегација на Унгарија се случува во важен момент кога веќе три години живееме во сенка на војната.
Орбан нагласи дека го информирал Мицкоски дека Унгарија ги поздравува преговорите меѓу САД и Русија и дека Унгарците се заинтересирани за успешен исход, како и дека имаат најголеми надежи за крај на војната.
„Ние се расправаме со земјите од ЕУ кои се наши пријатели и сојузници, но тие одлучија Украина да ја продолжи војната. Според нас, продолжувањето на војната е лошо, опасно и грешка. За ова ќе разговараме во четврток во Брисел. Го поздравив фактот што во ОН се разговараше за одлуките за мир и што Македонија и Унгарија имаат ист став таму. Го поддржавме американскиот предлог, кој беше прифатен од Советот за безбедност“, рече Орбан на прес-конференцијата.
Унгарскиот премиер додаде дека за време на разговорите на делегациите било посветено големо внимание на прашањето за миграцијата и Унгарија е благодарна на Македонија што и помогнала со чување на нејзината граница.
Орбан рече дека го информирал Мицкоски дека Унгарија никогаш нема да ги прифати диктатите на ЕУ и затоа мора да плати казни.
Можете да сметате на нашата поддршка во процесот на членство на Македонија во ЕУ, не само затоа што е срамно што овој процес полека се движи напред и тоа не е одговорност на Македонија, туку наша како членки на ЕУ. Дополнително, го поддржуваме нивното членство, ЕУ мора да биде поконкурентна во светот и не гледам друго решение за подобрување на конкурентноста освен продолжување на процесот на проширување. Секое проширување досега и донесе придобивки на Европската унија, нагласи Орбан.