Доколку се докаже дека Србија некако е вмешана во нападот на северот на Косово, мислам дека треба да го преиспитаме нашето учество во иницијативата „Отворен Балкан“, изјави вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„По настаните на Косово на 24 септември, мислам дека Србија треба да се потруди да докаже дека не е вмешана во тој настан, бидејќи доколку има некаква интервенција од страна на државата, тоа навистина го оневозможува учеството во други земјите од регионот, бидејќи идејата за „Отворен Балкан“ пред се беше помирување.
А тоа што се случи на северот на Косово, се надевам дека ќе се докаже дека нема државна инволвираност, но доколку се докаже, навистина мислам дека треба да го преиспитаме нашето учество“, изјави Османи во емисијата „Топ тема“.
Запрашан за изјавата на Бојан Маричиќ дека добил повратна информација од холандскиот амбасадор и како што рече од претставниците на Хаг, кои изразија загриженост за измените во Кривичниот законик, Османи инсистирал дека претходното законско решение не дало резултати.