Панасоник најави отпуштање на 10.000 работници низ целиот свет

Компанијата Панасоник најави отпуштања на бројни работници ширум светот, пред сè поради финансиската состојба во оваа компанија.

Отпуштањата ќе вклучуваат 5.000 вработени во Јапонија и 5.000 во странство.

Извршниот директор на „Панасоник холдингс груп“, Јуки Кусуми, изјави дека ова била тешка одлука за компанијата и дека тој е одговорен за неа. Тој вети дека ќе го намали годишниот бонус за 40 проценти.

Јапонските медиуми објавија дека отпуштањата ќе се спроведат во текот на тековната фискална година, која започна во април.

Од март 2024 година, компанијата вработуваше 228.000 луѓе ширум светот, што значи дека отпуштањата ќе влијаат на четири проценти од работната сила.

„Панасоник“ размислува да го продаде или одвои својот непрофитабилен бизнис со телевизори и да го подели својот оддел за домашни апарати на неколку нови бизниси, според NHK.