Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од Штип изјави дека во рамки на вчерашната акција, која била спроведена по наредба на судија на претходна постапка, МВР извршило две рации и лиши од слобода две лица кои биле на раководни функции во Затворот Скопје.
Тошковски нагласи дека досегашните наводи што ги констатирале од доказите им даваат основа да се сомневаат дека Затворот „Скопје“ досега повеќе функционирал како туристичко-хотелско правно лице отколку како затвор, кој треба да се грижи за осудените лица согласно законските одредби.
„Оценуваме еднаш засекогаш дека овој вид на злоупотреба врз граѓаните на Македонија мора да престане во овие институции. Заради сите услови кои им беа обезбедени на осудените лица, а според законот не им следуваше, како приватни посети од осум до десет часа во текот на денот надвор од затворот, со затворско обезбедување, со службени автомобили, со службено гориво и со часови платени за прекувремена работа од приватно правно лице, но од буџетот на граѓаните на Македонија. Навистина мислам дека треба да се заборави, секоја постапка од ваков вид треба да има соодветна процедура, на крајот ќе оставиме на судот дали ќе одлучи да изрече соодветни санкции“, рече Тошковски.
Министерот за внатрешни работи Тошковски истакна дека ова, освен што ќе има репресивно дејство врз одредени поединци, ќе има и превентивно дејство во смисла да се испрати порака до јавноста дека неказнивоста останува заборавена во Македонија и дека конечно законот се применува подеднакво за сите и се спроведува како што доликува на една европска држава.
На прашањето дали се свесни дека такви работи се случувале и во други затвори во земјава, Тошковски одговори дека хотелот „промаја“ не е само во затворот Скопје, туку и во неколку други затвори во земјава.
„Имавме превземени процесни дејствија, имено во изминатите месеци поднесовме кривични пријави за друг затвор кој исто така го водеа одредени лица, кои незаконски постапуваа во однос на осудените лица. Значи, ова не е прв случај од ваков тип на кој работиме и за кој поднесуваме кривични пријави. „Верувам дека во иднина ќе има и други постапки поврзани со слични видови на криминал“, изјави Тошковски при посетата на Штип.