Пациентите на Клиниката за радиотерапија и онкологија останаа без биолошка терапија. Во моментов нема биолошка терапија, поточно лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“ не се достапни. Тие стравуваат дека наскоро може да истечат „trastuzumab emtansine (kadcyla), „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.
„Клиниката за онкологија не може да одговори на сè поголемиот број пациенти со метастатски карцином и тоа е една од причините поради која се појави овој недостиг. Втората причина и она што ние пациентите го гледаме како позитивен резултат е тоа што на пациентите им се продолжува животот и затоа им е потребна оваа терапија. Иако лани беа одобрени дополнителни средства со анекс, се чини дека не беа доволни. Од петокот недостига терапија и онкологијата се обидува да добие дополнителни средства за да ја затвори оваа дупка до одобрување на новиот буџет“, изјави Ана Марјановиќ, пациент и дел од здружението „Хема-онко“.
Марјановиќ вели дека како пациент и како здружение инсистираат на промена на Позитивната листа.
„Доколку Фондот за здравство и Министерството имаат разбирање за итноста на оваа промена и изнајдат соодветни решенија, во иднина овие проблеми на недостиг на терапија, што значи живот за многу пациенти, нема да бидат предмет на расправа. Затоа, повторно апелираме до Министерството и Фондот за здравство веднаш да се најде решение за пациентите кои овој период биле без терапија, но и да се работи на решението овие лекови во иднина да бидат на позитивна листа“, – нагласи Марјановиќ.
„Состојбата со пристапот до биолошка терапија е резултат на административни процедури кои се спроведуваат согласно буџетот од 2024 година на клиниката. Исто така, треба да се има предвид и континуираното зголемување на бројот на пациенти на онкологија, како и сложеноста на административните и финансиските процеси кои влијаат на набавката на лекови“, велат од Клиниката.
Во однос на предизвиците поврзани со тендерските постапки, како што информираат, веќе се преземаат мерки за подобро планирање на набавките и поедноставување на постапките во соработка со ФЗОМ и Министерството за здравство.